истражува (несв.)

Кога умните субјекти себеси умно се истражуваат, тие во себе не откриваат никакви регулативни величини од последна инстанција туку енергична лишеност од тло.
„МАРГИНА бр. 2“ (1994)
Илјадници години е познато дека постојат димензии на човековата свест, што можат да се истражуваат со јога, со софистички и визионерски средства, најчесто заедно со употребата на психоделични растенија.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Во САД тој добива ново значење: означува цело движење на луѓе коишто истражуваат други традиции, особено Азиските религии, кои не се научно класифицирани. Тоа често се нарекува метафизика.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
За композиторот на музика на удиралки секој звук е прифатлив; тој го истражува „немузичкото“ поле на звукот кое академиите го забрануваат и тоа во онаа мера во која е тоа можно да се направи мануелно.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Ги оставив лебот и сирењето и тргнав да истражувам во кујната.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Камилски се согласи да ги истражува заемките од областа на духовниот живот, религиозната терминологија, зборовите со апстрактна содржина.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Понекогаш секој за себе го истражуваше ареалот на телесната сласт, барајќи го жарчето кое најбргу го распалува огнот.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Едно друго окружување, Физичкиот простор, им овозможува на учесниците да истражуваат еден интерактивен лавиринт каде што секој чекор кореспондира со еден музички тон, сите продуцирани со живи видео слики што можат да се движат, намалуваат или зголемуваат, ротираат, со занемарување на вообичаените закони на причината и ефектот.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Некои од нив се занимаваат едноставно со планирање на логистиката за идните војни; други изумуваат сѐ поголеми и поголеми ракетни бомби, сѐ помоќни и помоќни експлозиви и сѐ понепробојна оплата за блиндираните возила; други бараат нови, сѐ посмртоносни гасови или порастворливи отрови, што ќе можат да се произведат во доволно големи количества за да се уништи вегетацијата на цели континенти, или сорти на вируси што ќе предизвикуваат болести, а ќе бидат имуни на сите можни антитела; трети се трудат да произведат возило што ќе си го пробива патот под земјата, како подморницата под водата, или авион што ќе биде исто толку независен од својата база, колку што е бродот на едра; четврти ги истражуваат дури и подалечните можности, како што е фокусирањето на сончевите зраци преку леќи што ќе бидат поставени илјадници километри далеку во вселената, или предизвикувањето на земјотреси и бришечки бранови преку заробување на топлината од земјаното јадро.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
ТРЕТАТА ЖЕНА: Имам право да истражувам зошто сме дојдени на овој свет, на оваа планета, каква е смислата на нашето раѓање, растење, минување низ најразлични маки и тешкотии, влегување во брак, повторно раѓање на децата кои минуваат низ исто толку маки, учење на разни вештини, желби за осознавање на светот и сѐ со мисла дека утре ќе бидеме среќни, а потоа губење на истите тие способности во староста и на крај умирање, исчезнување.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Сместувајќи се во Grand Hotel Villa de France, кадешто Матис бил инспириран да ги наслика своите одалиски, во градот кој порано го беше инспирирал Римски-Корсаков да ја напише својата Шехерезада, ги истражувавме пеш забрзаната, миризлива Медина, Гранд и Петит Сако и касабата; повеќе сакавме да се загубиме без професионална помош, одбивајќи ги непријатно лепливите наводни водичи и занемарувајќи ја изненадувачки антисемитската тирада на едниот од нив; серенадите ни ги пееја градските певци секое утро и муезините пет пати секој ден молејќи се преку разгласот од минарето на блиската џамија; одлучивме својот прв невин излет во исламот да го продолжиме низ брегот.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Истражувале како да се сочуваат, да останат толку колку што останале живи и пак, без караници, умно наслушнувајќи се еден со друг, се поделиле: едните мислеле дека е побезопасно да се патува дење, другите верувале дека ноќе не ќе сретнат никого дури ни на царски друм.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Денешниот научник е или мешавина од психолог и инквизитор, кој до најситни детали го истражува значењето на изразите на лицето, на гестовите, на тонот, на гласот и на ефектот на дрогите во шок-терапијата, хипнозата и во физичката тортура заради извлекување на вистината; или пак е хемичар, физичар или биолог, заинтересиран само за оние гранки од својата специјалност кои се во врска со одземањето на животи.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Видеата, перформансите и дигиталните графики на Попоски ги истражуваат прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.
„Простори на моќта“ од Зоран Попоски (2009)
Тргнувајќи од себе, прво се внесов во интроспекција и ги истражував корените на моите фрустрации и комплекси.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Тогаш се сетив. Чекај, мислев. Нема да спијам. ќе истражувам и ќе најдам.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Создавам зборови што не ги разбирам, па сепак некако ги разбирам. Го истражувам воздухот.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Почнав да се однесувам, да размислувам како правник. Истражував најефикасен начин за учење.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Колку би ја бакнувал и би се насладувал! Колку би ја допирал целата, би ја истражувал однадвор и одвнатре, за да ја вкуси потполно и да ја открие!
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Наведената цел на курсот беше да се опише машки геј- светоглед и да се истражува, да се анализира и да се разбере машката геј- култура во својата особеност.
„Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин (2019)
Повеќе