ишарет м.

ишарет (м.)

Во Перт има еден Преспанец кој како и сите добри домаќини си направил куќа чардаклија за од чардак севезден да ги пули ѕвездите како низ трепети му испраќаат ишарети од родниот крај што само тој ги разбира.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
На потомците им остави лози натежнати од мака, а и мртов смогна да им даде ишарет - колку многу ветер и магла имало на Клиничките патеки на власта.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Тој плесна двапати со рацете и му даде некаков ишарет на слугата кој веднаш се појави.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
За тоа време, додека се седеше и се вревеше заедно, јас сепак забележав како тие тројца одвреме навреме си праќаат ишарети, додека вториот помошник пак не стана божем по мала нужда, а се задржа трипати по три големи нужди, и мене тогаш ми стана јасно дека тој ни ги враќа украдените пљачки од нивниот шлепер во нашта кола и пцува мал да си најмал да не си и да не работиш залудни работи што не ги работат постарите, кои не прават дупки во вода туку си пијат вино, зашто чаушот нивни заради шише вино си ја продаде душата и помисли дека овие клатикуровци се од наша фела, па ај да не им земаме работи што не им требаат ами да се провеселиме на нивна сметка, и до зори ако ни заоди.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Се вртка, се шутка дури не му направи Ристе ишарет со очите да му ја извади шамијата од уста. Тоа го направи без мака.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Наоколу многу гости седеа, терајќи си го ќефот со по некое пивце, со обемниот ручек, натпреварувајќи се со ишарети и сочни шеги, со кои се засмејуваа меѓусебно како врвен десерт по јадењето храна.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Во самото пристаниште неколку кајчиња од силно лулеење превртени со дното кон небото како отруени риби што на езерската згорнина понекогаш се превртени на плеќи а крлушките им блескаат на сонцето како огледалца со кои првовљубените си праќаат ишарети.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Само еден непроверен ишарет од душкалото Душка, не беше доволен да го убеди дека Рада се наоѓа во Америка.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
А знајш оти ми стори ишарет да ти кажа?
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Капинка ме прашува зошто го врзувам, кај ќе го водам, а јас ѝ давам ишарети да молчи.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сакаше да ја потфати за левиот образ, но таа му направи ишарет со глава, покажувајќи му ги мудурот и заптијата, и тој ја тргна раката.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
А таа, ене, само му дава ишарет што повеќе да свири.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Дури кога дојдоа на ширината пред Вандевци, каде што се продаваа воденички камења, Бајракот се заврте и му стори ишарет на Јована да побрза.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Во тоа време околу камењето се врткаше мариовец и ги разгледуваше двата камења, еден горни, еден долни и потскришум ги гледаше двајцата како си даваа ишарет; но не му дадоа никакво значение.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Не знам ни лозинка, ни знак, ни ишарет. Ќе нѐ изрешетат. Мораме да чекаме да се раздени.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И, ќе признаам, точно е дека на таа твоја Таша никогаш не сум ѝ се приближил поблизу од едно метро за да ми праќа онакви ишарети.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Додека се симнувам по скалите од горе надоле слушам шепотење: „Ама ти давам ишарет цело време, не зборувај против партиите, овој градоначалник, оној градоначалник, гарант е од некоја партија.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Во разлабавениот простор Пелагија уште еднаш се доближува до Деспина, уште еднаш силно ја избакнува и прегрнува, истото го направи со Роса и Милка, Пела ја забележува во рацете на мајка Перса и со ишарет ги извлекува надвор, а потоа се предаваат на уличката што ги упатува на кај Бит-Пазар.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Токму тука, на ова место, додека е зафатена со себе и со внучињата а и со Костадина кому му е наменет полниот чипчак со чај, до Добра се прибира нејзиниот маж, ги крева неколкуте бовчи а нејзе ѝ дава ишарет да го проследува по дирата.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
И дури стариот да се заврти и да ѝ даде ишарет да не кажува, оваа наеднаш се испушти и му рече на војникот: – Море, пусто да остане и чешмичето, ами ако е за него, елате по мене, јас ќе ви го кажам, не дека е далеку!!! – и тргна напред преку дворот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Повеќе