комбинација ж.

комбинација (ж.)

Комбинацијата на автопати на податоци и проширена телевизија неизбежно ќе доведе до враќање на селската индустрија во форма на виртуелни разбои.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Кожата на врвот на показалецот стана жешка и отрпната додека го вртеше тркалото како ќе му дојдеше не знаејќи не ли промашил само малку пред тоа со иста комбинација.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Солуцијата може да претставува комбинација на автономија за населението свесно за својот посебен идентитет со економска слобода на поголема област и со слободен излез на Солун.
„Македонија низ нишанот на САД и Британија“ од Тодор Чепреганов (2012)
Скенерот ми е премногу софистициран за да промаши таква комбинација.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Бунар е обликуван како кинеска кутија која содржи сѐ уште неоткриени прегради и веројатно уште по некое дупло дно, скриено до следниот обид за толкување на овој повеќезначен роман во кој можните комбинации на прашања и одговори со оглед на доминантните мотиви на сомнеж, на гласови на кои не е можно со сигурност да се потпреш, на паралелните наративни текови, се наизглед неисцрпни во мера во која овој роман може да го понесе епитетот на отворено дело без дефинитивни вистини и конечен, смирувачки крај.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Андон беше висок, со долги раце до коленици, со нескладна конституција, најмногу заради вродената мана левото рамо видливо да му биде поткренато во споредба со десното, при што крупното тело, со нагласена комбинација на испупчени коски и разиграни мускули, смешно му беше свиткано на десно.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Имаше во нивната судбина некаква горчина поради релативната отфрленост, како да беа за еднократна или двократна употреба, особено дипломатите по клуч кои живеејќи во довчерашниот сјај на високата мисија сега требаше да се провлекуваат со месеци низ лавиринтот на Министерството, да бидат забележани или да се најдат во некоја нова клуч- комбинација.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Кај крвните врски, кои ни се наметнати по силата на нештата (или по божја волја), немаме многу избор – се раѓаме заради свесната одлука или не толку свесните постапки на нашите родители, без никакво учество од наша страна, и на овој свет носиме единствена, неповторлива комбинација на нивните гени.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Оттука, независно од комбинациите на субјективните и објективните причини, Бојсовите родители не ја исполнија својата прва должност како родители кон своето дете: кај него да создадат чувство на сигурност.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Местото околу куќата е широко и достатно за секакви комбинации.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Како антиципација на модерната квантна физика, неговиот модел на светот е необјаснив универзум од бесконечни пермутации и рекомбинации.”
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Момчето беше голем уметник, способен постојано да измислува нови комбинации и специјални климакси, а некои беа „ноти“ од сферата на Непознатото, со паузи, привидни дисонанци, ноти кои ненадејно се пробиваа една со друга и прскаа заедно, со вчудоневидувачки, врел и сладок удар. (...) Аракнид, шоферот на Ендрју Кеиф е единствен домородец во Интерзона кој не е ниту педер ниту бузерант.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Зборот гозба за Рада беше најсмирувачката комбинација зашто во последно време секогаш беше гладна.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Во една или во друга комбинација, овие три супер-држави се во постојана меѓусебна војна и така е во последниве дваесет и пет години.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Комбинацијата од шопинг и комодифицирана рекреација во суперпродавниците и тематските трговски центри создава различни облици на псевдо-јавни места.
„Простори на моќта“ од Зоран Попоски (2009)
Заменете ги тие букви, на пример, со вашите имиња, во сите расположиви комбинации, од кои не би била исклучена можноста името од местото на буквата З да биде на местото од името на буквата А, и така натаму, до бескрај.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Комбинацијата на двете ситуации, создадени во исто време, беше многу сложена за способноста на неговиот ум кој требаше да ги доведе во склад двата света.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Воспоставувајќи хармонија меѓу комбинациите на временскиот и просторниот агол на гледање, а во чија внатрешност е сместен настанот, авторот успева да ги сугерира влезните кодови на пораката...
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
По еден облак од секој тип - цирус, кумулус, кумулонимбус и другите - ќе има доволно за сите; исто така, по еден пример од секој вид време - убаво, дождливо, топло, студено, влажно, суво, мирно, ветровито (и нивните разни комбинации - убаво-топло-суво-мирно, убаво-топло-влажно-мирно, итн.) ќе послужи за сите поединечни денови (и ноќи) на тоа време, и покрај тоа што едно магливо благо мирно рано утро е задоволство кое секако може да се разликува од истите услови напладне или приквечер.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Уште кога го затворија, во еден проблесок на свеста, додека со лактите се бранеше од ударите по главата, сфати една, поправо две работи: дека ќе си одева од искрен збор и од лош алкохол, а највеќе од нивната комбинација.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе