кош (м.)
Тој се потргна настрана. Од зад него се појави стражар со широк граден кош и со долг црн пендрек во раката.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Неговиот другар со кого во болницата лежеа во ист кревет, со забите го кине копчето на џепчето од блузата, зашто двете раце и градниот кош му се изврзани со завои, ја вади со заби сликата на која му се жена му и син му и ја моли сестрата да му ја запне на штиците од вагонот; погледнува во сликата и испушта душа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Облечен во бела припиена кошула која му ги оцртуваше набабрените мускули на градниот кош, некои фраерски фармерки со искинати џебови и патики по најнова мода.
„Знаеш ли да љубиш“
од Ивана Иванова Канго
(2013)
Омалаксаност во колената и болка во градниот кош.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Куќата е една од најстарите во селото; направена од петаври: од штички и плитар, од лескови прачки исплетени од дирек до дирек како што се плете кош и облепени со кал измешана со плева, слама и козина за поцврста да биде; на многу места калта и испадната од ѕидот и зјапаат дупки низ кои ветерот се провира и свири; во тие дупки птиците се пикаат и прават седела клувкајќи го и користејќи го истиот материјал со кој е облепена куќата; чардакот од куќата виси над патот како дрвено корито спуштено од небото; куќата е затетеравена на едната страна како пијан човек и, изгледа секој миг ќе падне.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
И самиот паднав на коленици зад кошот и се мачев со мачењето на тој грч од црно и бело тесто на месо и на ткаен лен.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Нунката го испи кафето, истури еден кош благослови за детето, родителите и роднините и си отиде да го земе кај ручек време и нункото со подарокот за на крштевање.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Градниот кош беше тесен како на костур: нозете му беа толку тенки што колениците изгледаа пошироки од бутните коски.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Од сите поранешни привилегии им ја оставија само таа, да живеат на Имотот и да управуваат со Потковицата, да не мораат, како другата христијанска раја, да работат на полето, но и да опстојуваат делејќи го со неа, со своите довчерашни отроци, тоа што ќе преостанеше по толкуте давачки: покрај приходите од полето, од шумите, од ливадите, од лозјата, ним, на султаните, мораше да им се исплатуваат давачки и за патиштата, и за поилата на добитокот, па дури и за блатата и мртвиците во кои жителите на Потковицата ловеа риби и береа шамичишта и врбови прачки за кошари и кошеви.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
А да се стават хероинот и марихуаната или хашишот во иста категорија е исто како да ги ставите во ист кош пивоквасот и вискито...
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Ја разгрнаа пепелта. Во кошот уште чадеа неколку недогорени греди.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Ја прифаќаат топката и фрлаат кон кошот. Веројатно имаат трема.
„Клучарчиња“
од Бистрица Миркуловска
(1992)
И житото зрело со златесто класје, и амбарот полн со јачмен и овез, и кошот го сакам со пченкарно зрно, и сеното во стог, и слама во копа..
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Го запре кошот пред нив и со еден сожалителен и презрив поглед ги измери сите војводи, па громко ги поздрави.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Веднаш Трајанка ја одведоа позади куќата зад амбарот покривајќи ја со еден голем плетен кош од прачки врз кој нафрлаа слама. За да ја сокријат.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Цвеќиња, маргаритки повисоки од нас. Ги собиравме белите листенца и полневме цели кошови.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Јас ѝ ги подринувам лепешките, скубнувам слама од кошот и ѝ фрлам во јаслите.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Кошот го наполни слама, кокошките ги затвори. Пак црниот петел го нема.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Но јас пред тоа ги видов домаќинката и девојката на мојата прва младост слеани една во друга на чардакот и се срамев што сум бессилен и заборавен зад кошот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Нови јата риби надоаѓаа и пласкаа во плитката вода крај брегот, прпелкаа како фатени во мрежа: се пикааа во трските, во шеварот, во водните растенија и испуштаа чудни шумови и клобурци над водата; шумеше водата како подземни извори да се креваат; пиштеа галебите и сите езерски птици кружејќи и налетувајќи на рибите; трчаа луѓето, довлечкуваа кошници, сепетки, кошови, вреќи, и ги полнеа со риби; довлечкуваа и магариња, коњи, ги товареа со риби, се грабаа меѓу себе, се караа, се пикаа во езерото, заграбуваа поголеми и попресни риби; ги соблекуваа кошулите, панталоните и со нив фаќаа за да не им се лизгаат рибите од раце; се крвавеа во прстите од нивните перки, од нивните крлушки, удираа по нив со ости, со вили, со виљушки врзани на стап за да ги скротат и да не им бегаат од раце; се мешаше водата со крвта од рибите и од рацете на луѓето.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)