курбан (м.)
Во листата, меѓу другите, се најдоа и зборовите: арам, муфлуз, резил, тамаќар, башибозук, шашма, далавера, алашвериш, ќелепур-софра, џева, беља, гениш, курназ, маскара, едепсаз, марифет, сафра, рушфет, џамбаз, суртук, мамлаз, чалам, табиет, чаре, јаваш, ајде, таксират, тарапана, ујдурма, усул, чешит, џабе, џган, џумбус, батакчија, бадијала, зулум, налет, угурсуз, шерет, гајле, гајрет, грбал, душман, далавера, дереџе,зандана, зијан, ифрит, калауз, курбан, курназ, маскара, мамлаз, намќор....
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)
Потоа мајка му го закла петелот што го имаше ветено за да му ја стави главата во гробот на Илко како курбан - за да не повлече со себе некој друг од фамилијата.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Духот од поодамна ѝ беше даруван за курбан.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
И Татко и Камилски не можеа да се сложат се тезата произлезена од балканската литература на времето, која имаше влијание врз институциите на идните времиња, во врска со терминот на курбанот дека постојат два света помеѓу коишто нема и не може да има вистински допир, ни можност за разбирање, два страшни света осудени на вечна војна во илјада облици..., потоа еуфемизмот на пеколната неслога, повикот на незапирлива борба со ветување дека курбанот, односно прекрасните жртви ќе бидат залог за поубав живот на некои далечни поколенија.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Или сакаш да им ја фрлам в раце на измеќарине како шејтанов курбан.“
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Од тој простуден ден до крајот на двете третини на патот, близу до Благовештение и на неколку недели пред Курбан Бајрам, искушенијата непрекинато стеснувале околу нив обрачи, и меѓусебно понекогаш да се апат.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Нема победа или пораз без курбан!
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Додека ги стискал забите како да сакал да ја задржи во себе силата на животот ( не земај ми ја душава, можеби можел да шепоти своја молитва, додека не ти принесам курбан), негде, не можејќи да определи каде, умирал ранет војник и пеел на турски за мајка и за дом по кој се копнее.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Камилски, којшто во меѓусебниот договор беше задолжен да реферира за поимот курбан, откако го слушаше Татко како започна авторитетно да говори, веднаш се увери дека и за овој збор, како и за јаничарството, долго помеѓу нив ќе се кршат копја додека да се дојде до заеднички став.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Му отиде Тане на самиот ден кога почна да ја гради куќата, кога започнуваше да се прави адетот, кога требаше да се заколи јагнето за курбан.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Само така ќе ги откурбаниме нашите потомци, од курбанот склоп на пеколна неслога!
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Макар што немаше луѓе, ни поп, ни брави за курбани, ни брашно за погачи, ни вино ни ракија како и порано во среќно време, старците и бабите што се прибраа од збеговите пак дојдоа в црква да запалат по некоја свеќа или пак да се прекрстат пред иконата на свети Илија да ги има во раката нивните мили и драги што беа затворени во тврдината на Пешта.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
И овој пат Татко и Камилски, следејќи ист тек на мислата, прилично се оддалечија од првичниот наум: да се произнесат за сите можни конотации на поимот курбан, обземени и обајцата што им се даде можност да ги вкрстат западно-источните аргументи за означениот поим.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Занесени во маалото тврдеа дека ги виделе козите со нивниот козар Чанга како летале кон небото, други дека завршиле курбан!
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Доселениците од Македонија во Венеција не ги читаат босанските поети кои пишуваат за потонувањето на градот – чуму да се чита потонувањето, велат, кога ние секиден го живееме тоа, чудо големо, градот потонува, ама ние секогаш сме над вода, мешаме малтер за обнова на старите палати, во малтерот, напати, за курбан, мешаме и по некој спомен од детството, а каде што треба, во обновените ѕидови на операта Феличе, на пример, заѕидуваме и по некоја нашинска песна, да се најде ако затреба, а каква што е непредвидлива иднината, секако и ќе затреба.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Слична беше состојбата и со зборовите курбан, зандана и кодош.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Сепак, Татко го остави да ја заврши мислата: Ние како да заборавивме дека нашата мисија ја започнавме мислејќи на иднината на нашите внуци, а не на минатото на нашите предци, на нивната божем пеколна неслога, причина за неизбежниот судир помеѓу христијанскиот Запад и исламскиот Исток на Балканот и што уште не. Зар не е тоа повик на курбан?
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Заврши војната, а уште многу животи ќе одат курбан...
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)
Првите три јаничар, курбан и башибозук, според него, беа комплементарни, во врска еден со друг, во иста категорија, но можеа да се разгледуваат и одделно.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Беше свесен дека се нагрби да се бори и конечно да се пресмета, според него со најопасните зборови, како што се јаничари, курбан, башибозук, курбан, башибозук зандана и кодош зандана, кои беа сѐ уште во жива употреба во балканските јазици и често менувајќи ја пошироката употреба, не ја менуваа суштината, опстануваа, дебнеа демнеа како неочекувана опасност.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)