кујунџија (м.)
Ги сакаше Бошко јорганџиите, и стоеше пред нивните дуќани залапано, додека тие го дрндаа памукот пред негови очи, ја сакаше папуџиската чаршија каде што на шега му дозволуваа да обуе лева папуча на десна нога: во кујунџиската чаршија со големи стреи и кепенци, каде што златото и среброто блештеа и го заслепуваа, се смееше будалесто: но најмногу од сѐ го сакаше безистенот, чист и среден, со мириси на ѓулсуи и темјан, каде што по калдрмата пред дуќаните не се растураа распарани опинци, парчина тенеќе или шајки, и каде што можеше да влезе од една врата а да излезе од друга, и пак од таа што излегол да се врати назад.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Тој сакаше да му предложи на Татко потрагата по заемките на занаетите и занаетчиите да ги побараат, такви какви што останале, во старата скопска чаршија до денешни дни: бакалите, берберите, бичкиите (ножарите), бозаџиите, бостанџиите, гајдаџиите, дограмаџиите, јорганџиите, казанџиите, калајџиите, касапите, кондураџиите, папуџиите, кујунџиите, терзиите, џамџиите и други.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Амови, колани, налани, леѓени, свеќи, златни украси, ибрици и ќунци, сабји, ножови: налбатите и ковачите креваа врева, папуџиите пееја, кожарите си ги обработубаа кожите во камени корита, кујунџиите со двојно око ги виткаа шарите на своите белегзии и ѓердани.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Кујунџиите, златарите и џаварџиите сочинувале еден еснаф, а пушкарите, сабјарите и кожарите друг. И така по ред и другите занаети.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
И во XVII век е уште поголемо присуството на турцизмите во балканските јазици, се среќаваат и следниве: ама, арамии, бакар, бериќет, бучук, денк, ѓум, зарар, ибрик, казан, кат, кубе, кутија, машала, менгеме, муштерија, памук, пари, ракија, руба, сакаш, сандаци, саан, синија, тава, тенџере, тепсија, теслими, фрча, хич, чифлик, дајак и други, а има и голем број зборови што означуваат разни видови занаети и занимања: бојаџии, казанџии, самарџии, сапунџии, кираџии, кујунџии, меанџии, симитџии, терзии, ќурчии, чакшири, чешмеџии и други.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)