лудо (прил.)

Матната влече лисје, гранки и трупци, тркала камење, во суводолиците матно и лудо клокоти дождовницата.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Во последниот дел од ревијата моделите носеа отворени лежерни фустани со тенки бретели, истакнат струк и широк пад, или гол грб со тесна долга сукња но во весели, шарени дезени: „Флорида“ (акварелни цветови), “Гранд При“ (цртани цветови), споени птици во стил на Ешер во црвено/светло сива нијанса, со лудо поставени вистински цветови/камелии над косата и мрежа која паѓа над очите.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Лудо ја возбудуваш пепелта на одамна мртвите копја.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Јас маченик, маченици ќе помагам немирен дух лудо разигран, се додека клетки, дух божји, сила не продава... Живеј, како било...!
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Ѝ зборуваше за некоја имагинарна личност, лудо вљубена во некоја девојка, притоа ги набројуваше доживувањата на тој несфатен несреќник; отворено ја страдаше својата болка а заклучокот што го беше изрекол се чинеше фасцинантен: Требало секогаш да сочувствуваме со лудо вљубените.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Над градот е омарнина, по кеот мрака паднала, преку мост тропат копита, а Вардар лудо забрзал, галеби бели покренал а в соба тесна таванска Панче со млади студенти лист по лист вртат зборници.
„Робии“ од Венко Марковски (1942)
Ако успее таа девојка во бело да се втурне во собата на вујко ми, тој, иако онака антав и во непристојна бела антерија, ќе се измолкне од под чаршафите и ќе потскокне на мртовечкатата постела (како штотуку извадена од водата риба што лудо се фрла по песокта).
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Глигор тоа не можеше да го стори, тој ја чувствува како се расплиснува крвта, како лудо удире во слепите очи и таа непокорност на крвта го тера да ја бара вистината за човечката совест.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Лудо удираа езерските бранови подгонети од здивени ветришта.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Секоја пора, секој здив - сѐ во неа сакаше, лудо копнееше да сподели за успехот, за радоста, за оваа незаборавна вечер.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Одеднаш здогледа голема група турци, фесовите им се вееја лудо, јаваа како избезумени, како некаде да брзаа.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Ете, тоа е приказната за малото маче што така лудо си го изгорело убавото, меко опавче.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Толку го погодило тоа кога чул дека жртвата бил Кенеди, што веднаш отишол дома; а сега сакаше да знае како јас можам да бидам толку мирен, иако сум му ја раскажувал приказната за Индија каде видов многу луѓе како лудо се забавуваат бидејќи починал некој што навистина многу го сакале, и дека тогаш сфатив дека всушност сѐ зависи од тоа како ти самиот ќе ја прифатиш ситуацијата.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Се загнаа татко му и стрико му и го откинаа Муарема со многу извинувања „да не фаќа кусур на детето", бидејќи е лудо и аџамија, не знае што прави.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
А тука - зошто паднав ја? зошто ме куршум прониза, зошто ме земја притисна - за кого лудо загинав?
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Тој не можеше да размислува за постапките, не гледаше дека сето што го прави е непотребно, пресилено и лудо.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
- Карпа! - простенкува тој. Ја остава батериската ламба до себеси, го грабнува чеканот и зафаќа лудо да удира во каменот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ѕвездите мои трчаат по мене во темнината Тие безочни дрски бесрамни животинки Што се умилкуваат додека Касаат и додека поганат наоколу Вреват: ние сме гласници на мајките и на татковците Врескаат: ние сме црешови цветови Од градината на твоите мртви сестри Клај нѐ на јазикот ако не веруваш Пробај ја нашата треперлива белина ако не веруваш И лудо се смеат ѕвездите мои Што трчаат по мене во темнината И кинат кинат од моите меса Од мојот здив од мојата возбуда „Како ме пронаоѓаат?“
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Ергените, од секое домаќинство по еден, токму оној што се замомчил и требаше да се покаже, или оној што требаше да избере и да биде избран од некоја од момите, за наесен кога ќе започнеше мрсот, да се ќердосаат, дотука вода во калта, искусните домаќинки, за радост на бабите и децата, поседнати наоколу, ги виткаа црепните, сосетките одговараа: - Не ми се криви нозете, не ми е земја грутлива, туку ми лудо намигна, туку ми умот поштукна, зато ми се црепни - црепутки. - Ихии!...
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И кога во туѓина ропски бегаш, ти си ветен на Голгота да ме сродиш и обљубиш лудо на исповед кога дојдов, гревот го измислив, дете пред зборот сонот одненадеж ми прорече чудо.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Повеќе