мариовски прид.

мариовски (прид.)

Роден бил некаде Битолското, од татко Турчин и мајка рисјанка што ја грабнал насила некаде Мариовското кога бил таму во потера како турски војник.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Тие веќе си правеа во умиштата свои и беговски кули по сите мариовски села и поставуваа ќаи и субаши на секој чифлиг.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Тоа е распоредот на горниот крај на нашите мариовски куќи.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Честите судрувања со потерите, откаде тој излегуваше секогаш победник го направија силен и симпатичен во очите на мариовските селани, додека четата од Организацијата имаше сосема друг став.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Далеку во мариовските ридишта, заградено од сите страни со дабова и борова гора, на дното на некогашното езеро се распрострело мариовското централно село Витолишча.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
5. Таква е, гледана однадвор, пуста и ненаселена, наваму од крајот на последната Голема војна, односно наваму од принудната колективизација, и нешто потоа, откако ги зафати луѓето емиграцијата, таа самоникната и безимена потковица среде Бакарно Гумно, која, спуштајќи се благо по голите падини на ридиштата, на запад и на југ, сè до мелиорацијата (пред десетина години ја извршија доброволно младински работни бригади; покрај бесплатна исхрана, работничка облека и плускавици на дланките, младинците имаа и задача да ги шират меѓу себе љубовта и братството) се преточува во ливадско земјиште (сега сушно и неплодно) испресечено со мртвици и блата кои, пак, се вливаа во Црна и во кои заедно со стотици видови барски и преселни птици живееше и лошиот дух на маларијата, а на исток и на север, односно на североисток и на северозапад, сѐ до мариовските планини, односно сѐ до Прилеп и сѐ до крушевските планини, во житница и тутунско поле.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На прво место тука е седиштето на царската управна власт — мудурлакот, на чие чело веќе дваесет и повеќе години седи стариот мудур Арсланбеј со десетина заптага и младото ќатипче и го претставува султанот пред рајата, ги гледа сите давии во името негово од сите деветнаесет мариовски села, тука е седиштето на мифеташот со пет шест души колџии што ги чуваат сите мариовски шуми; тука е седиштето на авџитабурот од двесте души аскер кој ги брка комитите и им помага на мудурот и мифетишот во тешките и одговорни државни работи; тука е седиштето на третокласното егзархиско училиште со архиерејскиот намесник на чело и четворица учители, во кое училиште учат децата на сите оние мариовци што сакаат да им прогледаат сшкдаи им и да станат попови или даскали; тука е изворот на попови од четирите поповски фамилии, и, најпосле, тука се: Влашкиот ан, анчето на Младена Чкулот, Петка Спасоев, Трајка Балето и Цулевото анче, во кои се враќаат и преноќуваат сите оние мариовци од другите села коишто за еден ден не можат да свршат работа во уќуматот доколку немаат блиски роднини и пријатели во селото.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Само овде не беше прилепскиот кадија што ги мразеше мариовските бунтовници и им даваше само парче леб и вода.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Кога дојдоа, кадијата ја соопшти положбата и ги покани да помогнат и тука да се доврши работата, а за да ги убеди дека си стои на зборот, им напиша од своја страна тапија од своите чефлизи во Рувци и Алданци, а беглербегот им напиша повелба, дека им ги подарува сите дванаесет села од Старо Мариово сосе луѓе, за вечни времиња и ги прави мариовски бегови со сите беговски права, поставувајќи им само два услова: да се потурчат и да најдат чаре и начин да се победат бунтовниците.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Шетајќи по панаѓурите низ Мариовските села, уште во првата година од женењето, на Спасовден, се запозна во Полчишта со Јована Мачникот и овој го прибра кај себе за да го научи на неговиот занает.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
На кадијата му удри мисла да се послужи пак со Аџи Јанета и Аџи Рампа и испрати човек да му го доведе, а тие се израдуваа мислејќи дека се покорени Мариовците и кадијата ги викна да ги направи мариовски бегови.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
По примерот од Челебијата, сите чауши, почнувајќи од Ѓузепа до кир Андона беа си фатиле по една посестримка од младите мариовски невевчиња и чупи и секој секоја вечер се шеткаше со по една низ боровата гора, играше до неа на орото во неделините и ја водеше во својот стан сат два пред пајдосот за неколку бели череци месечно, некоја гривна, обетки, прстенчиња, синџирчиња и за некоја и друга натпишана надница.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
За таа работа ги собраа селаните од сите мариовски села и небарем срни бркаат, почна претресувањето на густите борови гори.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Ги одбранија сиромашните мариовски пазарџии од пљачката на Мусинските и Остречките качаци.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
И си ја зеде Бахтијар грижата да го докусури востанието со фаќањето и ликвидирањето на самиот востанички штаб, кој по сите сведенија беше склонет во непристапните мариовски планини.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Затоа и ги собраа сите селани од деветнаесетте мариовски села да ги бараат заедно со нив.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Толевите двесте и педесет, и уште толку собрани од цело Мариово, му ги теслимија една вечер на секретарот на Толета — Шаќира и овој се преоблече во мариовски алишта и, со пушката под сакма, со пазарџиите отиде во Прилеп.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Нестанокот на храна по селата ги загрижи бимбашиите, а и им се досади цела зима по пустите мариовски села, та предложија сите четворица да ги прибере Бахтијар во Битола, бидејќи и така немаа никаква работа.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
– А-А-А-А! ОВАА НЕ ЈА БИВА ВАКА – се замислија повидните луѓе од сите мариовски села на чело со земскиот кмет Димитрија Сталев и почнаа да мислат како да ја избегнат опасноста: со спогодба – покорност – или одбрана.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Бегајќи по источниот лак и спуштајќи се низ неговите надворешни падини, низ полето, по доловите и суводолиците, стигнуваа во мариовските планини.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе