машко (ср.)

Патниците што се качуваа на станицата кога ќе ја видеа низ вратата од купето каде што се шминка, не влегуваа во купето иако имаше слободно место за да не внесат со своето присуство пореметување во интимноста создадена меѓу машко и женско.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Првите дни машките фрлаа по некој и друг поглед во Нешка кога идеше со бацкови и Стојановци измиена, исчешлана, без прцле и цилувци, во ново кошулче, со ново гунче, подбрадена под гуша, но кога се виде дека ја вардат тројца, сите дечиња, и тие од I одделение па дури и од IV, не смееја да ѝ се опулат накриво, не пак да ја задеваат.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Пела и во сонот се појавуваше како сонце, бело бело и топло а потоа таа викаше бате Дончо јас и ти сме брат и сестра нели а тој нема глас да ѝ одврати дека тие двајцата не се брат и сестра само нивните мајки во исто време ги имаат родено и оти се најдобри другари им кажуваат дека се полубрат и полусестра и сакаше да ѝ каже дека се само две деца таа момичка а тој момче нели таа женско тој машко како што има жаба машко и жаба женско како што има гугутка машко и гугутка женско како што има којн машко и којн женско како што има вол машко и вол женско и ние сме како нив и токму ска да ѝ каже во што е разликата меѓу машкото и женското го изгубува привидот на Пела сонцето и белото и ќе врекне со широко отворени очи Их, пак само сон!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Татко ми не беше премногу воодушевен од своето дело, се прекоруваше оти не употребил некоја од техниките за кои беше читал во еротските магазини што му ги носеше вујко му од Австралија, но знаеше и што значи за родителите машко дете - само проблеми и грижи, а богами, го имаше за пример шурата.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Сега кога им раскажувам на моите деца тие се кинат од смеење, но тоа беше мојот штос, зашто не сакав машките да се фалат дека се запознале со мене и дека сум нивна девојка.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
И машко и женско, и мало и големо, и христијанско и турско, христијаните крстејќи се и во истото време изговарајќи Господ да го дочува во живот Лазора, а Турците, на чело со Тахир бег Јаузоски, кој и заборави да го прошетува Мурата, Ај анасана, ај џган, уште од раното се купчат на портите, на срецело пред дуќаните Акиноски и на чешмата, на бунарите, во дворот и на чардакот Акиноски и само за тоа зборуваат: минатата сабота токму во време пладнина, нивните мажи, главите на сојовите, се нашле таму во Прилеп, на Али Чаир, за со свои очи да се уверат во силата Лазорова, и за потоа со свои очи да го видат нештото кое тука, на лице место и пред сета насобрана народија, ќе му го прекинеш животот на човекот, а кое не го стори тоа, не го однесе на оној свет, само затоа што е Лазор голем и силен како никој друг на земјава, па ножот и куршумите, кога влегле во месото негово удриле на коските и тука се запреле.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ако е машко, нека го скроти езерото бидејќи состојбата на галебите е критична: колку поголеми се брановите, толку подлабоко се рибите што се познава и по изгладнетите гракања на галебите.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
А кажете ми го тоа машко што не побрзало да се угледа на родениот татко.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Немаше веќе што да се прави, па престанавме да одиме таму и почнавме да играме фудбал на ливадата со машките или пак да си играме ластик или народна на улица.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Господ со едно машко да ве радува!
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Тоа е позната стара работа превркнам — препукнам прегач — особена унечка со телови прегос — денот после венчањето кога се пие блага ракија предотина — прежда преѕалувам — претерувам во нешто пресек —ѓутуре (спаилакот се зема ѓутуре без да се бројат снопјето) прид — пари за невестата без кои во Мариово не ја даваат родителите девојката прикрепник — мажот ми (мојот прикрепник) принова — новородено дете припрто — кусо време проведи ме (од кучката) — одбрани ме провирач — камен со дупка преку која се провираат болни и бездетни жени проводија — подарок во пари на невеста и мало дете пролетнина — пролетни посеви промрткам — не се согласувам, си пишманам проскомидија — дел од црквената литургија прочврча (сланината) — се испржи пцалт — црквен пеач пувка — врста печурка, габа која е мека и пувка кога ќе ја стегнеш со прстите пупулче — младо девојче, пупуљак пупурник — кржлаво дете, рахитично пурде — име на машко дете дури да го крстат пуст — ничии, без стопан.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И затоа селаните често беа во недоумица: машко ли е или женско?
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Зошто ќе му се јаготки на машко, кога машко не носи обетки.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Девојката никогаш не зборува со машкото за такви работи освен ако планира да се омажи за него.“
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
А колку шо паметуам и едното уше ѝ е зараснато, та една обетка ногу и од машките носат како амалии, та и од таа страна работата е ујгун.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Девојчињата ќе си ги омажи, машките ќе си ги изжени.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Само еден брат имав, а него можеш и надвор да го истераш, може и в плевна да спие, машко е.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Војводите пак го целивале и му рекле дека мајсторите можат веќе без него, тој нека собере сѐ што може да застане на нога, старо и младо, машко и женско, на незаштитените места на гратчето да се постават камени појаси за одбрана.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Мене немаше кој да ми каже, барем јас имам кому да кажам: и кога се роди Горица, јас папокот ѝ го пресеков со срп, оти беше женско. На машките им се сече со секира.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Упорно ме одбиваше да излеземе; велеше дека не излегува со машки, дека не ја интересираат, дека има многу обврски во секциите на училиштето, дека сака да направи нешто од себе, дека има за учење.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе