маѓија ж.

маѓија (ж.)

Но оваа надеж сега ѝ изгледаше јалова и пишман се стори оти не си ја сврши сама оваа работа, туку тргна по маѓии и басни.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Опседната од маѓиите на сонцето се распаѓа тврдината на моите зборови.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
И како дете што со млекото на мајката Го вселува во себе и законот на чемерот и болот Така во коренот некои жива маѓија го оплодува летото: Црни и златни рани ископани во глава на ангел Од праискони кружат крај тие сончеви реки А сонце нема и лека нема: Се крши стеблото И паѓа сенката Скитникот сам што си ја фрла за да почине во неа.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Баш си го избрала! Подобро ќе е маѓијата да не ти се фати…
„Духот на слободата“ од Војдан Чернодрински (1909)
Сега веќе ни маѓијата од баба Мишгачица не можеше да помогне.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ни пари да даваш, ни маѓии да правиш, ни да го чекаш со месеци, а може и години.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Со цветно венче на главата, со распуштена руса коса дури до појас, со огрубено лице, со полна кошница бисилкови кивчиња и шарени предена одеше низ Потковицата и на сите крстопати и покрај сите води, и кладенци, каде што поминуваа, каде што пиеја и каде што пладнуваа Турци, правеше маѓии, па така никој, ниту Турчин ниту христијанин злонамерник не смееше да ѝ излезе во пресрет, не пак да ја земе на подбишега и да ја злоставува.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
О јаболко на гревот! зарем не е маѓијата што прогонство ни нуди тој плод што во нас незапирно зрее?
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Маѓијата се фати - детето остана здраво и живо.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Ги жалеа луѓето, ги оплакуваа и правеа маѓии да ја стиосат болеста, тропаа со тенекиња и ја бркаа, палеа ќуќур и козина да ја спотераат и избркаат од каде што дошла; ги стркаа ќералите и плевните со света водица, со жива вар, чадеа темјан и пееја молитви, го молеа господа да ја запре и сотре болеста по ајваните; им врзуваа амајлии на гушата, им сечеа од ушите, од опашката, од роговите - чинеа сѐ што знаеја или ќе чуеја само да ја откатанчат и изгонат болеста.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
А тие кои ходат по баење и по маѓии и кои сон верујат, тешко и горко ним!
„Избор“ од Јоаким Крчовски (1814)
Мускулите, со кои немаше што да работи, престануваат да му просребруваат, во нив гаснеше онаа маѓија на потребата од напнување, додека стоеше таков, со ноктите вкопани во дланките, со дланките прежилени од своите сопствени нокти и едвај здржувајќи се да не тресне нешто со тупаниците така, за да го здроби со еден замав, едвај задржувајќи се себеси да не истрча низ вратата и да земе да го гази оној снег, да го пробива тој изнаврнат снег, да го изоди сиот сѐ додека здивот не земе да му бие во него како тапан.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Јас да можа да направа маѓии, ќе си направа за Мицето мое да си го прожена, токо толку да ти помине меракот, дај ми по еден шеј од него и од чупето, ќе му одврата вода, ама пак да не веруаш.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Меѓутоа, проклетиот оган, кој не беше на самофинансирање и на кого маѓијата не делуваше, од канцеларијата се качуваше сѐ повисоко и повисоко и така, куќата изгоре како да беше од слама.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Беше како некоја маѓија, од која оние двајца се растопуваа во таа млечна нестасаност на виделината, бидејќи тука всушност како да немаше никакво оддалечување. Сигурно затоа што им ги гледаше само грбовите.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Селото чмаеше стегнато и устрашено. Пијат. Мизерна и жална беше овде маѓијата од виното.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Заради маѓијата, уште од раѓањето, Анко го облекуваа во женски алишта, му ја пуштаа косата да му расте долга, му плетеа плетенки, се дружеше и играше со женски деца, и како што растеше - добиваше женски манири, се однесуваше како женско, дури и гласот му стана тенок, женски; се интересираше за плетење, везење, за шиење.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Белки маѓијата од бабата Бисера сврши работа? — си помисли Митра и ѝ се поолесни на душата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Сега свирката ќе му оди од срце, зашто тој се спремаше за неа како за маѓија.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Мислеше на маѓијата на сите дивинки да се враќаат секогаш на она место, од каде што си ги скорнал првпат, но и тоа го стори повеќе како да се шегува со себе си, бессилен.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе