наздрави св.
наздравица ж.

наздрави (св.)

Допаѓајќи им се виното, полковниците повремено му наздравуваа на отец Серафим прашувајќи го за видот на грозјето и староста на виното.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Им тури ракија во земјините чашки и им наздрави. И тие му наздравија.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
ХЕРЦОГ: На здравје. Секогаш кога вака самозадоволно наздравувам чекам некој да ми пријде од зад грб и да ми ја скрши тиквата со топузина.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
За последен пат со црно вино во твоја чест наздравувам!
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Навистина е убаво - ја крена чашата и наздрави. Кметот и учителот му отпоздравија.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Каква била таа пречка што не му позволувала да наздрави добронамерно на гозбата на пријателството? Се чувствувал отфрлен.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ми се доближи деверот, ми ја подаде картата со вино и со темен глас кој излегуваше од длабините на земјата, рече: - Наздрави Караѓоз, на младенците наздрави, посакај им среќа и бериќет.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
И, сѐ беше преубаво, до моментот кога мајка ѝ не можеше веќе да го поднесе тоа што невестата не сакаше да бакнува рака по цела сала туку, по скопскиот обичај, помина со сребрени чаши, полни со шампањ, наздравувајќи од гостин на гостин.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Наздравивме, се напивме и се вративме назад во нашиот вагон.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Но, сепак, среќен сум што си избрала погрешна личност, зашто ако тоа не беше така, сега не ќе наздравував со жената која ја сакав и ќе ја сакам сѐ додека за навек не затворам очи.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Кога се создаде пријатна весела атмосфера, Кметот фрли поглед кон учителот, го задржа на него, потоа ја зеде чашата, им наздрави на полковниците, се чукна и започна разговорот да го врти на проблемот со селото; им рече дека луѓето живеат во немир, во неспокојство, дека нестрпливо чекаат да видат што ќе биде со селото.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Кружат шишињата со ракија од рака до рака, паѓаат наздравувања, благослови, едно од друго поубави, помладите поздравуваат со сегашен јазик, а старците вадат од сеќавањата некакви стари зборови, па ги везат и ги редат во долги наздравувања, ракијата во шишињата се смалува, а расположението, расте.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
- Но, да ве видам сите со чашите во раце. Да наздравиме за иднината.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Како што атмосферата стануваше сѐ повесела, газдата Вајс ја креваше чашата и му наздравуваше на персоналот, но поради слепилото, раката му одеше малку понастрана од масата.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Па заминувате до најблиската кафеана и наздравувате со непознати намерници во името на нејасните визии за она што сте можеле да бидете.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
- Убаво стори, војводо! Убаво! - пелтечи доктор Коста со малку стврднат јазик, го крева шишето што некој му го подава и којзнае по којпат наздравува, поздравува, се ракува, се бакнува.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
ХЕРЦОГ: Госпоѓи и господа, го имам задоволството да наздравам во чест на нашиот ценет гостин од Германија, господинот Херман Клаус. (Сите стануваат. Пијат.)
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Беше готов да наздрави. Јас не знаев за што. Иронично го погледнав.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Насмеано му наздрави покажувајќи празна уста. „На здравје.“
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе