насока ж.

насока (ж.)

Во мошне значајниот и во повеќе насоки инструктивен есеј „Еден опит“ со трите поднаслови... „за традицијата и иновациите“, „за откривањето на песната“ и „иднината на поезијата“, Блаже Конески ја сподвижи теоретската размисла за посебностите на индивидуалниот творечки опит кај нас, што може да биде од посебно значење и не само за македонската литературна историографија.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Сега тој многу јасно го виде на белината и своето зрно како одлета од врвот на неговата пушка и како ја фати насоката на она ужасно ѕвере, просто следејќи го в петици и сигурно настигнувајќи го, сѐ додека не се вкопа во неговата распафтана арамиска зачекореност.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тогаш јастребот го грабна огромниот дијамант со своите остри канџи и летна низ темницата во насока кон гората.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Гордо исправената статуа на шмизлата поставена пред некогашното собиралиште на скопските курви ќе дава дополнителен стимул на нашите омладинки во која насока треба да се движат, то ест дека со газ, цицка, две три пијачки и бркање спонзор може високо да котираат во општеството со изгубени вредности.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Меѓу нас имаше еден морнар кој по ѕвездите ги откриваше насоките на светот.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Ако тргнеме во спротивни насоки не довикувај ме повеќе, заминувам, оставајќи на судбината: „така требало да биде“ Не доаѓај повеќе да ја собираш дождовницата од пресушените очи...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Таа ми соопшти нешто што направи работите да тргнат во друга насока.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Во таа насока препорачливо е да покажеш извесен степен на кооперативност.
„Буре барут“ од Дејан Дуковски (1994)
Колку малку го слушаме својот внатрешен глас, колку малку умееме да ги читаме знаците што секогаш непогрешно ни ги покажуваат вистинските насоки...
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Не знам од која причина но тој ги повтори уште еднаш познатите наоди: дека вратарот изјавил оти преку ноќта портата не ја отварале а и утринава ја нашле заклучана; притоа и објаснувањата што ги добил од дежурниот лекар Јованов се движеле во слична насока.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
А кога ветрот ја однесе со себе и долгата зимна ноќ и кога на нејзиното место ја истури виделината на тој немирен пребликнат ден, занесувајќи ги по својата насока тешките капки на капаците во неговата стреа, Змејко веќе немаше што да чека.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Одредени насоки на развој ја илустрираат промената кон електронскиот милениум.
„МАРГИНА бр. 1“ (1994)
Гласот престана и лошо велеше знакот Во спротивна насока од времето летаа птици И црешите што пред тоа фрлија плод изгореа.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Тој не шетал по странското без своја насока и без свој правец и не земал било што и од било каде.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
„Ноќва преку океанот во обете насоки летаат бомбардери по задача, и тие никогаш не ќе го видат копното.“
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Да ги гледаш белите коленици на перачките, џандарите на прошетка што застануваат покрај нив, да ги гледаш војските – кој без капа кој без колан кога се враќаат дома од насока на гробиштата, од насока на оние безброј бигорни крстови врз кои колваат некои црни птици...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
4. Стрвна спирала Штом премногу претскажуваш стрвна астрална спирало милост имај за трпеливите за лифчињата на душата врз коишто го истураш штедро твоето мастило моровата моќ, индигото од тебе зависи дописот со небесата ритамот и римата, или и ти не можеш ништо кога густината се ретчи комплексите малаксуваат согласјата се упростуваат - само Отецот сам самцат стихува сушноста – сушта суштина суштествено суштествува всушност, меѓу четири ѕида стисната слободата ѕирка, се ѕвери нагоре, а таму (уууууууууууу) сѐ се движи во обратна насока гледано одоздола ааааааааааааааааа: или времето оди наназад или човекот е свртен наопаку опак Закону, злорад Реду приказание, Име имаш ли?
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
И долго кружеше птицата, наслушуваше нешто, се занишуваше во воздухот како што некогаш се нишаа и гранките сосе гнездото а потоа ќе откликнеше и ќе полеташе во насока во која некогаш полетуваа и нејзините пилци.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Паметам дека во оваа насока беше футбалскиот стадион.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Тие ја сослушаа и почнаа да ѝ објаснуваат, покажувајќи двете со рацете во иста насока.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Повеќе