огради (св.)

ХХ , со веќе подготвен одговор прифати: - Како што можевте да видите и уште ќе видите нашата земја, покрај бодликавиот тел, ја оградивме и со бетонски бункери.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Масата на судиите и поротниците е на десетина метри висок подиум и е оградена од обете страни со растенија месојади во големи саксии од фајанс.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ледината на која се наоѓам ја гледам оградена со четири реки.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Тогаш имаше само неколку бели куќи оградени со висока авлија.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Околу куќарката имаше двор ограден со ѕидана авлија висока околу еден метар и со кренати ѕидани столбови меѓу кои имаше врамени жичани мрежи, сега разурнати и ’рѓосани, со малтерот испаднат.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Ако тие потребности на поданиците не се зачуваат и ако Турција продолжува да биде неискрена во прилагањето на реформите, тогаш од тоа ќе: настрада најмногу пак таа: 1/ таа ќе биде принудена со сила да воведе некои реформи, 2/ ако и потоа населението не биде оградено во национално-религиозен и економски однос, тогаш тоа ќе го искористат непријателите на Турција да направат брканица во Македонија за да ловат риба во матна вода.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Како секоја вечер, така и оваа, по навика, прво однатре ја залостив портата од дворот ограден со висока авлија.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Концентрациони логори оградени со боцкави жици. Секојдневно умирање.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Бостанот, во кој си влегувал како во свој, наеднаш ќе го најдеш ограден со бодликав тел.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Напред има едно четвртасто балконче оградено со пармаци.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Ми ја зедоа Неговата слика и беа уверени дека ќе се споулавам во осамноста, ќе легнам врз шините на некој колосек или ќе се обесам на својата врска. понекогаш ме совладуваше криза - навистина зошто да не се затворам во некоја далечна плевна и да не се оградам со оган?
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Го однесов петелот дома, му направив убава кошара, му оградив дворче во кое ќе може да шета и прета, го наранив со пченка, го напоив и го оставив да си го живее животот.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Станот го изнајдоа најпосле на самиот крај на градот, накај Јуч-бунар, во куќарчето на нивниот земјак, дедо Иван Костов, скриено зад дрвјата во доволно широк двор ограден со тараба.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Тоа мораше да се случи: еден мал и неочекуван преврат, неколку атакувања на нивните бели куќи оградена со индуски цедруси и со коски на покорените, неколку барикади и - еве го оној ден. Мој. Наш. На човекот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Дека местото каменливо, нивјето како кутии беа преградени со високи ѕидови, а исто така и патот од двете страни беше ограден. Нигде немаше ни жива душа.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Ги разминуваш куќите, како луѓе со извадени очи, извртени. Сѐ е шаштисано, штрбаво, оградено.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Во слободното време, во неделите и празниците, кога полето е празно, освен овчарите, воларите и говедарите друг никого нема таму па тоа не мора ни да се чува, сам ги истреби и ги огради изворите во Јасики - оттогаш жителите на Потковицата ги викаа Веданови Извори - а во делниците од наутро до навечер, а во убавите лета и преку цела ноќ, го обиколуваше синорот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Народните непријатели, под строгото око на народните одмаздници, како мене, нели, целото место околу вилите фино го оградија со плетена жица, висока едно две метра и повеќе и најгоре врзаа и два - три реда бодликава.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
И рамнинката лево од патот - оградена е со ’рѓосана бодликава жица на која виси подгниена штица со натпис – „Минско поле!“
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Тоа е срецелото. Оградено е, од југ, со авлијата на Јанчевци Талевци, од исток со авлијата на Мицковци Трајановци, некогашното училиште и некогашната општина, од север со гумното на Дамчевци Џаџовци, од запад со источниот ѕид на чифлигот Трпоски, дуќаните Акиноски, кои уште од Второто србско зјаат пусти, со откорнати врати и прозорци, и со авлијата на Ризевци Софревци.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе