пика (несв.)

Сите се туркавме и се пикавме што подобро да го видиме, но двајцата овчари што го водеа замавнуваа со клоци и правеа простор околу него.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Куќата е една од најстарите во селото; направена од петаври: од штички и плитар, од лескови прачки исплетени од дирек до дирек како што се плете кош и облепени со кал измешана со плева, слама и козина за поцврста да биде; на многу места калта и испадната од ѕидот и зјапаат дупки низ кои ветерот се провира и свири; во тие дупки птиците се пикаат и прават седела клувкајќи го и користејќи го истиот материјал со кој е облепена куќата; чардакот од куќата виси над патот како дрвено корито спуштено од небото; куќата е затетеравена на едната страна како пијан човек и, изгледа секој миг ќе падне.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Оти оган веќе не држи и деца веќе не плачат во таа куќа. Само бурјани трева, бозје и цволика ѝ се пикаат во темелите, во ѕидовите и ја поткопуваат отсекаде.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Или да погледнете низ цевката или пак - тој го исправи малиот прст и, пикајќи го полека во цевката, доврши - со овој прст...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Околу маската се собираат муви и ѝ се пикаат во краевите на очите.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Пелагија се наведнува врз старецот, за последен пат го пика своето кадро во неговите очи, нежно го допира со прстите по челото и се исправа.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Го гледаа секој ден по сончево време или по дожд како шета крај брегот, се пика во трските, шеварот, рошка со рацете низ гнилежот и врбовиот густеж и ја полни торбата со секакви дрвца што ги наоѓаше.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Оливера ми кажа дека некои деца биле уште уплашени од војната и дека не можат да спијат, а кога ќе заспијат викаат во сонот и бегаат од постела, се кријат под креветите, некои само да чујат брчење на камион или трактор, и ќе почнат да скокаат низ прозорците, си мислат авиони и тенкови идат и ќе се пикаат по грмушките, ќе се тресат ко пилиња, негователките ќе ги бараат, а тие ги затвориле ушите и очите, само устите им стојат отворени, ама пак не се оѕвиваат, не се кажуваат; оти не се оѕвиваш ми вели Горачинов, кај беше досега отидена, ме прашува, по ортомата своја, му велам, и јас не знам кај бев, а надвор се смеат, на вратите од кабините ни напишале ,То долапи ефтихијас"18 и се смеат,
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— Ами, па ти мајко. Токо ми го пикаш в очи тој шебек.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
и се враќаме пак назад, по истата трага со лазење и го наоѓаме Бугаринот кај што го оставивме, можевме и да го отепаме, ама ај, си велиш човек е, може тој ќе те носи ако те ранат, и што да правиме сега со тебе, му велиме, што ќе кажеме за тебе, а тој - вие сте ми мајка, вие - татко, ако ме кажете ќе ме стрелаат и нѐ моли, ни ја пика главата под колена, се митка ко живинче, се уплашив, вели, ама да не кажеш ти, му велиме, не, вели, уплашениот е секогаш уплашен, ме фати голем страв, вели, ме сопна и не можев да се помрднам, и го целива ножот, се колне и после фативме двајца Грци и тие ни кажаа дека ќе нѐ удрат два полка, еден грчки, и еден англиски, и ноќта зедовме наоколу сѐ миниравме, ископај чиневме дупка и наполни ја со дробен камен, со чакал, и среде камењата ќе врзиме по пет бомби во китка, со тел, сите дупки ги врзавме со една жица и кога наближија војниците, ги дрпнавме мините,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На сите им студи, вели, некои собрани во купче се пикаат еден во друг и се тресат, се пореваат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И го пикам под гушата, го алкам секаде по главата, по газето го милувам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Значи, сѐ е вред: торбата ја пикам под перницата од постелата и спокојно спијам.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Кога од станицата стигнаа пред зградава, додека сите се качуваа на првата плоча преку неколкуте басамаци, таа си рече Да признам што има ваму долу? чкртна со кибритчето, го наала кончето на свеќата, нив постојано ги пикаше во пазувата, и лелејавото пламенче дури долу по ходничето и таму лево во двете прегратки ги заваби сите. И гуските, се разбира.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Го отвора устето, замавнува и се пика во мене.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Си реков човеков има потешкотии со сите тие листови што постојано си ги пика во носот за да ги прочита, а потоа, како да се згадил од прочитаното ги фрла тие листови од пред себе.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ние се пикаме покрај корените од буките, се прпелкаме во шумките, се завиткуваме.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Секој сака да го има во логорот, да го гали по главата и вратот, а му пика коска в уста, да му фрла дрвце низ шумата надевајќи се дека ќе скорне зајак.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Се печеа на сонцето во жешко време, се пикаа еден во друг кога ќе застудеше навечер, се покриваа со ќебиња и мутафи кога ќе заврнеше дожд и стануваа жива вода; кога ќе заплускаа громови крај нив, се крстеа и го молеа бога да ги одминат; дење ловеа риби, ги следеа со очи облаците кои се згуснуваа и разретчуваа, го гледаа нивното престорување во некакви чудовишта и нагаѓаа ќе има ли дожд или не; го гледаа сонцето кое час се заплеткуваше во облаците, час подизлегуваше за да светне и да покаже дека е тука; ноќе пред за заспијат гледаа во ѕвездите, кои како што одминуваше ноќта, сѐ повеќе се намножуваа и стануваа поголеми и како да се спуштаа надолу; ја гледаа месечината која секоја ноќ се тенчеше и го изоструваше својот светол срп триејќи се од облаците; го слушаа секој шум на водата што во ноќната тишина јасно се разносуваше час потивок, чад посилен и по него дознаваа дали езерото ќе се вознемири или не.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Повеќе