пловидба ж.

пловидба (ж.)

Свеска ми знае каква долга пловидба ја чека со мене.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Во бродот Галеб се одржуваше Југославија во мало како во подвижен музеј, како објект во пловидба, со елитни кадети, избраници од сите народи и народности на Југославија кои на своето копно ги насетуваа првите тектонски поместувања на големата конструкција, а на морето беа како птиците албатроси со раширени крилја, принцеви на сините морски ширини.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Јас никому не сум му донел добро досега.“ Се заврте и појде со наведната глава, ја остави со солзи во очите и сигурен дека поаѓа на долга пловидба, иди, девојко, вљубените не се никогаш себични. Тие се само жртви.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Многу од нив, слободно претставени со еден стар, боемски и изумрен јазик, сѐ капетани на долгите ноќни пловидби - морето спие, коработ се тетерави.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
колку патрони чеиз му донесе на Горачинов, ми велат, да имавме ракија, вели Горачинов, ќе ве викневме на блага ракија, и ќе фрлавме пушки, вели, свртете на друго, вели Ристо Коларов, здравувајте нѐ в образ, бацете ни рака, вели, не го погоди моментот, вели Горачинов, историскиот момент, ова не е свадба, туку свадбено патување, вели, дури си млад сѐ можеш да кажеш, што се вели, сѐ ти се може и сѐ ти прилега, и јас гледам како се стемнува и како цело небо ни слегло во морето, сосе ѕвезди и сосе месечина и си мислам дека сме тргнале по небото, сме се закренале на некоја пловидба меѓу ѕвездите, целата сум зашумолена и пренесена некаде, некоја голема умора ми се обесила на клепките, ми натежнала во коските, нешто гледам, а повеќе не гледам, како до половина да сум заспана, завлезена во сонот;
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Пловидбата беше негова света задача. Го насочи бродот кон Југ. Југот ги плашеше морнарите. Оттаму бродовите не се враќаа.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Пловидба којзнае дали корените на флората се изворите на езерото дали билките ткаат космички страсти во твоите очи или на разбој дали се опоравува љубовта кога едриме дали сме тоа ние изненадени од гостопримството на сонцето дали преоѓаме еден во друг и гинеме ли изненадени не се креваат облаците и нискиот притисок со небото од исти работи боледуваме никогаш нема да го разбереме знакот на пловидбата будни како извори носиме студена струја струја.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Како мал, за плата од само една фунта месечно, се нашол на палубата од еден брод на линиската пловидба Алан што пловел за Канада.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Умниот човек, велеше Татко, умее да ја потчини фаталноста, како што тоа му успева на морнарот среде разбранетото море, без оглед од каде дува ветерот, да ја одржи пловидбата.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Пловидбата продолжуваше до новиот пристан, во смиреното море, на брегот каде што го очекуваа пријателите на Југославија, неврзаните...
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Во бродот беа присутни сите Титови обележја, освен него: неговата биста, неговата работна соба, неговиот свет од долгите пловидби, плочките на кои беа испишани имињата на славните посетители, покрај државниците и имињата на Елизабет Тејлор, Ричард Бартон, Софија Лорен и други...
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
ЗАПАД И ИСТОК (...) Хеленскиот концепт за индивидуална пловидба беше остров на хуманизам во морето од тоталитарни империи.
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Но, по третата книга, „Пловидба кон Југ“, кога остарениот, бескуќен Мајстор заминува во топла приквечер, по кејот на бесконечната Река, знаев дека повеќе не ќе можам да пишувам за таков, премногу тврдоглав, намќорест и безнадежно упорен играч.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)