побуда (ж.)

Колективниот комплот и побуната на селаните против Симона доаѓа од сферата на најниските побуди, во голема мера е лишена од смисла и метафорично е претставена како деструкција по себе.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
За моите побуди и за моите добри намери веќе кажав повеќепати.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Го гледав пред мене и ми беше драго: Човек со добри намери, со доброчинителски побуди!
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Но, ќе дојдеме до вистината за себе и ќе ја видиме вистината за светот и вистинското сознание за темелот на суштествувањето со неутрализирање на сопствените слабости и слепи нагонски сили, егоистичките тежнеења, побудите, рѓата, безумноста, импулсите на гревот и заслепеноста.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Раскажуваа како сето тоа е направено од чисто благородни побуди.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
И, ете, и кога можеби не се во прашање највисоки побуди, можно е да се создадат големи дела, во случајот целиот свет, сосе нас луѓето, од трошка кал и едно ухнување здив.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
А тоа ќе рече, дека кога помагаме, кога даруваме, не даваме од човечки побуди, од добрина, туку со сметка и интерес. Да си признаеме, тоа е себичност.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Јас, од своја страна, веќе реков, дека моите побуди не се сврзани со строго практичен или политички интерес, моите побуди се добротворни.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Записите на патописците досега ги сфаќав како литература која може да содржи произволности, но денеска на камбаната во црквата ја сретнав годината 1861 и имиња на луѓе со име и со презиме кои дарувале во свое име од доброчинителни побуди и за да ја стекнат милоста божја.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Твоето добродетелство, драги мој, Симон, не е од слични побуди.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Умот, раздвижен од побудите на Светоста на човечкиот ветар, ја менува својата форма, затемнувајќи се или осветлувајќи се – застана старецот, подземајќи од чистиот воздух.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Проклет да бидам, сите луѓе се накитени со благородни побуди, о, ќе умреме од слични нешта! Слепи, без да се видиме.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
„Што ти значи ова?“, ми пишуваше Агна. „Во таа изјава гледам агресија, скриена потреба некого да потчиниш и, уште, една многу голема лицемерност, проблематичност на твоите побуди“.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ја конкретно, не пијам од други побуди; осеќам дека „неко то од горе види све”.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)