приземје ср.

приземје (ср.)

Во приземјето ѝ е сместен дуќан за продажба на очила, чие лице гледа во прекрасните сводови на знаменитиот Камен мост врз Вардар.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Вистина е само она што е запишано на вратата на крајот од ходникот. А ходникот завршува во северното крило на приземјето.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Дури вечерта ме испрашуваа и потоа, ноќта, ме одведоа во приземјето на една стара затворска зграда на улицата Хане (тоа го видов дента на излегување), заедно со други истамбулски и светски провалници и пробисвети.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Фасадата беше скромно украсена. Прозорците на приземје и првиот кат имаа кремасти метални рамки во кружни форми.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Лифтот секавично се спушти во приземјето.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Вистинска идила, гледана однадвор, е бракот на двајца кои веќе и златна протераа, па таа го носеше истиот бел фустан од она време и на вечерата што децата и внуците им ја приредија во „Воденица“ или „Коленица“, што мене ми асоцира на кланица затоа што тоа ми е повеќе еквивалент на нејзиниот живот, во кој повеќе гипс никој не ставил на себе од неа, а сѐ било закукулено и завиено во магла, а тој бил секогаш изземен од каква било врска со вина за сите нејзини случајни падови по скали во куќа која има само приземје.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Дознавајќи за тоа, жандармите влегле во станот, го фатиле бегалецот, во приземјето го убиле и потоа на улицата го изрешетале со пушки и револвери.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Таа беше со аур во приземјето, полн со ѓубре и сламиште останати од времето кога Веговци тука чуваа добиток и со беличести скреби што однадвор имаа продрено внатре и каде што сосетските кокошки несеа јајца со надеж тука да ги лежат, но со кои се хранеа змиите.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Паметам дека „мојата” куќа, нека ја наречеме така, зашто навистина беше таква што тогаш и сега, ја чувствувам како своја, беше ниска, само со приземје, покриена со керамиди, опкружена со висока авлија и голем двор со многу разновидно цвеќе и тукушто расцутени трендафили.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Старата беговска куќа, градена пред двесте години, во низата други слични куќи крај реката, имаше приземје и кат, со убав издаден чардак, авлија која водеше кон убаво средената бавча со насадени цвеќиња во првиот дел и со зарзават во другиот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Уште нешто: Лиле навистина работи у стоковна куќа ама не на втори спрат туку на приземје, а Ѓоко не вози дупла двојка туку обичен градски аутобус.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Врти се роју умен, вртлогу ти кој си на небо, биди на земја вртилишта, улишта, восочни легла рам-меморија на приземје и кат давам за твојот „латински џагор“26за твојот бесценет секрет меден збор, афродизијак и медовината капната од небо ти ја давам на серафим налик и на мираз од нечија блага душа и изблик на вечноста ти нудам „гола како кокошкин врат“ за да се собереш, сакана да дојдеш на врв врба во моето гнездо озарено со етер со екстракт од масло со медоносно билје ти нудам енигматични игри крстословки, ребуси пополнување на празнините и сотките осмислување на келиите - безбројните восочни клетки ко минијатурни смрчки
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Беше беден трпезарискиот декор на приземјето. Ѕидовите речиси до таванот нашлакани во кафеаво. Гледаше на еден ќор-сокак.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Горниот спрат беше пресликана верзија на приземјето.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Тоа се, имено, неговите „хумусни клозети“; Фекалиите од ВЦ-то можат да се користат како гноиво за парковите и градините, а отпадните води, кои со специјален систем би се пропуштале од врвот до дното на замислениот облакодер, во приземјето би доаѓале значително прочистени.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Анот имаше многубројни четвртести камени стролбови, а доби двор со шадрван, и покрај магазите и работилниците во приземјето кое беше наменето и за стоката, на катот доби соби за спиење во кои имаше и огништа.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Во приземјето – ресторани, кафеани, пицерии, банки, седишта на домашни и странски фирми.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Мишко трепкаше исплашено со очињата и, штом стигнавме со лифтот до приземјето, ја „дувна“ пред мене како стрела.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Мајка, како што велеше, бргу го фати редот на куќата, која имаше приземје и два ката, со авлија која завршуваше во убаво средена градина, со летна кујна.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Само господарската живеалишна зграда, која не личеше на турска кула, извишена, туку повеќе прилегаше на разгранат манастирски конак, на приземје и кат, со визби, чардаци и многу соби, се урна набрзо по распуштањето на колективите, во средината на педесеттите години на веков.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе