признава несв.

признава (несв.)

Има факти што не можам да ги побијам и тоа го признавам.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
При решавањето на ова прашање не треба да се забораваат и следниве прашања: кои наречја од српскиот и од бугарскиот јазик се признаваат за најтипични за овие јазици и кои нивни особености се признаваат за најкарактеристични за едниот и за другиот јазик?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Парничните трошоци ја опфаќаат и наградата на адвокатот и на другите лица на кои законот им признава право на награда.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Ако пак тие мислат со нас да не се церемонат и да нѐ лажат Европа и нас со реформи што не ги исполнуваат, тогаш не ќе се зачуди Турција ако и ние ги обрнеме нашите погледи кон Европа и од неа бараме да се воведат во нашата татковина со сила тие реформи што се признаваат од силите европски за вистинска требност за успевањето на религиозно-националното и културното развивање на македонските рисјани 5.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Времето нѐ посипува секој час со својата прав и тоа е единствената вистина што ја признавам.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
30. Во Источна Румелија (Јужна Бугарија) во тоа време живееја Бугари, Грци и Турци, па се признаваа и сите овие јазици, но по присоединувањето кон Бугарија постепено Грците и Турците речиси наполно беа иселени.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Титулата на цар Душан се објаснува вака: тој признава на Балканскиот Полуостров две словенски држави: Бугарија и Србија и една несловенска – Византија; Србија со завојувањето на византиски земји сака да ја наследи Византија, но со тоа зема земји што можат да бидат и српски и бугарски и коишто не се бугарски.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Едни селани со нивните учители и попови ја признаваат Патријаршијата и се под покровителството на српски или грчки конзули, а други го признаваат бугарскиот егзарх и ги слушаат бугарските трговски агенти.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Возрасните за жал играат ретко или пак безволно признаваат дека ја играат таа игра.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Македонија ја признаваат за бугарска во етнографски однос, но мислат дека е излишно да си ги трошат силите за да научат нешто за таа земја, затоа ништо не знаат за неа ни од историјата ни од географијата и етнографијата нејзина, освен дека има таму чети и востание, на коешто треба да му се помогне само со лотарии и не со самите себе.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Можеби признавањето на обратните различни пропусти во животот многу нив ги зближи...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Бидејќи во Турција не се признаваа нации, туку вери, а овие беа олицетворени во признатите автокефални цркви, основањето на Бугарската егзархија го наложи и административното воведување на бугарското име за сите поданици на султанот што се приклучија кон таа единствена словенска православна црква во границите на Турската Империја.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Македонските наречја имаат пак свои оригинални особини, а бидејќи се наоѓаат во соседство со Србите се признаваат пак за не чисти од србизми.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
По сите тие причини, како и по полната убеденост во тоа оти не само бесполезно и невозможно е понатамошното успешно спротивставување, јас мислам дека наш долг е да ја замолиме македонската интелигенција што има влијание врз сегашното движење да го обрне својот поглед кон сериозноста на положбата, да го измисли патот и сите средства колку што може поскоро за да искаже полна доверба спрема постапките на заинтересираните големи сили во полза на Македонците и, откако ќе им даде ветување, да ја прекине понатамошната борба, да ги замоли да му се помогне морално и материјално на постраданото население да се поправи; да замоли да се воведат сите предложени реформи и тие што ќе најдат силите за нужно, како проширување на изработениот проект; да се отстранат пропагандите и да се востанови Охридската архиепископија со црковно-училишната автономија; амнестија на емигрантите и на сите четници; признавање на Словените во Македонија за одделна народност: Македонци, и внесување на тоа име во официјалните книги итн.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Во меѓувреме ги признаваме само кралот и Владата на прогонство.
„Македонија низ нишанот на САД и Британија“ од Тодор Чепреганов (2012)
Истото тоа се поддржа од признавањето на суверенитетот на Душана во Македонија и од улогата на нашите големци во неговата држава.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Ако источнобугарското наречје се признава за најтипично, тогаш многу е јасно оти самата географска далекост на македонскиот центар од него е доста да покаже дека последниов не може да биде бугарски.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Признавам дека на почетокот мојата снаа не ја поднесував.
„Го сакате ли Дебиси“ од Лазо Наумовски (1973)
Штом е така и штом образувањето на народноста е политичко-механички процес, тогаш се имаат сите нужни услови за одделување на Македонија во самостојна етнографска област: Македонците имаат општа татковина, последнава постепено со реформи се одделува во самостојна политичка целина, во неа има „неколку колца од јужнословенскиот јазичен синџир”, тие колца многу лесно се обединуваат со општото признавање на средното од нив за општо орудие во искажувањето на литературната реч за сите интелигентни луѓе во Македонија и за во книгите и во училиштата.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тоа го признаваат и српската и бугарската пропаганда, иако за надворешниот свет и едната и другата зборуваат оти во Македонија имало божем две народности: српска и бугарска.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Повеќе