прнар (м.)
Се искачивме на една падинка во прнарот под шумата.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Понекогаш ја забележував и јас како, небаре сениште, истрчува од пештерата и трча кон прнарите во кои се вовлекуваше и исчезнуваше.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Нели и од Прнарот еднаш се врнак су вошки? Во главата не ми најдовте.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Не помина миг време, кога од некаде, од кај ридовите, од над селото, од прнарите, од леските, од кај трњето, од кај капините, од зад сливите, од зад сувите треви, Алајко и Мире слушнаа свирки, тапани и тамбури, ечеше божја музика, божја милина.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)