разминува несв.
разминување ср.

разминува (несв.)

Два воза што во некоја чудно халуцинантна ноќ миговно се разминуваат во одблесоците на стаклата.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Гледаше кон мрачниот прозорец и пресметуваше. Сега се разминуваат на третиот басамак.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Едното од нив беше една девојка со која често се разминуваше во ходниците.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Смртта и животот често, пречесто се судираа, а поретко се разминуваа во животот на нашето семејство.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Се разминуваше со заитаните минувачи, им се вѕираше во лицата на Непознатиот од платното.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Жителите на градот, сите со тага во очите, не разговараа меѓу себе. Се разминуваа без поздрав.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Еден од луѓето во бели бечви, не со лице на крстен туку сув крстител, висок, брадест и кадрав, трчал кон него со бласкав нож чиниш сака само да го заплаши, да го чалне малку колку да го ослободи од грижи и двоумења и, разминувајќи се со него, да го продолжи патот кон некоја своја голема цел.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Одиш по својот послан килим од гордост, ме разминуваш во утрото, во денот, во мракот, во сегашноста и минатото.
„Разминувања“ од Виолета Петровска Периќ (2013)
Сосетката Стела истрчува во пењоар во потрага по својата загубена чедност и граѓански права, разминувајќи се со мајстор Величков (витален водоинсталатер по потекло од Драгалевци, Република Бугарија), којшто е во дилема дали водата од горниот кат капе затоа што тивкиот Јапонец од апартманот број 8 оставил отворена славина или пак ритуално се самоубил во плитката када.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Природно се очекуваше и тој еден ден да му се исповеда на Камилски за тајните на младоста, за клучните настани од цариградското време кога овде се разминуваа османската епоха и времето на нова Турција на Ататурк, кога се разминуваа верската империја на Калифатот и новата лаичка држава, кога се разминуваа арапската и латиничната азбука, старото шеријатско и модерното европско право, кога се разминуваа Европа и Азија, кога новите институции ги заменуваа старите.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Кога би зборувал со обезимени зборови, со обеззначени, како на пример: се разминуваш со светци во предел каде во исто време и на исто место светат многу сонца и многу месечини.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Со својата кадиска диплома со која се здоби во Цариград во времето кога се разминуваа Отоманската империјата и новата Република Турција, во обете вклучен неговиот вујко Фетхи Беј Окјар, беше судија во монархистичка Албанија во времето на кралот Зогу, па адвокат и на крајот социјалистички судија во првите денови на комунизмот во Македонија, дел од Југославија.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
И убаво ми иди од топлинката, од бубачето, вели, сиот ме разотвора. Сѐ ми разминува. Ме раскопнува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Да се разминуваш, да изустиш добра вечер, о, светци, а тие, се загледуваат во тебе, незнаен и непознат за нив, и те поздравуваат: ти првпат миеш раце во облаците?
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Целата уличка се наполни со нив. Одвај се разминуваа.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Ги разминуваш куќите, како луѓе со извадени очи, извртени. Сѐ е шаштисано, штрбаво, оградено.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ама, кроце, покроце, почна да ми разминува виулицата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се разминуваа меѓу себе далечините како птиците исплашени од разбудените темнини.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
А Стојан Пејкоски го разминува Џема како ништо да не среќава.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Потоа, кога веќе паѓаше мракот, отидовме во најбедниот дел од Виена; минувавме по полумракот на тесните улички, едвај се разминувавме со девојките во распарталени фустани, и со мажите во подеднакво распарталени алишта, кои им пристапуваа на девојките со предвреме огрубени лица, со шминка која само уште повеќе го истакнуваше грубеењето, со здив кој мирисаше на алкохол.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Повеќе