распне св.

распне (св.)

Ќе вршат насилства над нашата женска челад; очекуваната жетва по полињата ќе ни ја испозапалат; луѓето ќе ни ги распнат на страшилата по овоштарниците и така тие ќе се претворат во храна за гавраните.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Зимаа стркала топка од бели мисли но ти не извика топла е студенината на снегот Па сега без прекин чекориш по тенкиот млаз од светлината што како пат виножитен се распнал меѓу погледите и води во густата жижа на едно познато молчење Се чудиш зошто се гранките во превезот румено бел проѕирни како мирната и широката мрежа на очите Но колку и да се надвесени тие над мртвите води сепак би те грабнале на раце
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Кабаницата со биковска врелина и готовност да распарчи секаков отпор под копита, да распне сѐ на рогови, да се забуца до врелина во врелина, ѝ пријде несфатливо брзо и ја прегрна.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Улицата под него зина понорно и го присили да се придржи за венецот од покривот и полунаведнат се приближи до железната конструкција на големата светлосна реклама - неколку бесмислено испреплетени железни штангли што придржуваа еден круг со вкрстени букви на реклама за аспирин, распната без потреба преку небото, некогаш одамна поставена и заборавена.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Одненадеж се случи она најстрашното: тој ме беше налегнал и ме беше сковал распнат, го гледав озлобеното лице над мене, сторив напор да се поткренам, ама не се можеше, миговно се свртев влево и го закасав во десната рака.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Тела распнати на крстови среде црни адови, црни гаврани колваат по очите, очи што гледаат само ужас по светов.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
На врвот од иконостасот голем крст на кој е распнат Исус Христос, а под него две ламји - симбол на победата на доброто над злото.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
А покрај црквата некогаш течеше кротка вода И вишеа стебла ангелите кај што беа распнати И беше тихо месечина во крвта како да ти угрева.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Таму е темно и попелишта само од пресушени мориња Небото распнато на крст се ниша И глас од подземјето вие: - Лош знак е душата себе си кога се моли, И кога човекот остане само со сенката бледа, Зашто тебе во ова соѕвездие те нема – а те гледам, Некаде си – но, каде си, Андромеда?
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
5. Банки дигнаа палати распнаа мрежи широки, банки дигнаа палати и кули тенки, високи: нагоре кула висока надолу земја длабока.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
А кога доаѓаш ти лудо едно небо на копја распнато! Тргнувам во потрага по сонце. *
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
За Албер Ками, распнат меѓу медитеранските екстази од детството младоста и пресметките со европската историја, ова раздвојување на животот, го предизвикува чувството на апсурдот, кое ќе ја структурира во сегмент од филозофски систем...
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Тој гледаше со полузаклопени очи, низ арабеската од железната конструкција на рекламата, бесмислено распната на фонот од вечерното небо; седеше недвижен и замолчен, со жената покрај себе.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Еразмо беше распнат меѓу два пата, прикован за сопствениот крст, кој му тежеше; покрај тоа што знаеше дека мора да го носи, беше немоќен да излезе на крај со неговата тежина, со тежината на своето сопствено физичко тело, со сето она што телото го бара!
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Со тапа отчаеност ги рашири рацете и остана распнат на кревет.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Разбуди се, му велиш, не се буди заспиј, му велиш, не заспива полубудно, полуживо - распнато по краците на логичките схеми на контрастите зависно од глаголот ти треба начин, временска димензија просто да знаеш дали си и каде си!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Беа како оптегнати виолински жици, како распнатата кожа на тапанот македонски, пред да се игра орото.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Прости ми ги гревовите со лесна душа да појдам в црква на Воскресение Христово... и да се причестам... смирена да го примам Телото и Крвта на Синот Божји - од Богородица Мајчица роден... руган, плукан, мачен, распнат, умрен, од Крстот симнат, во Гроб легнат... си шепоти баба Петра седната пред куќи, веќе променета за в црква.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Уште позакржлавени во сенката на своето прогонство, доволно се мали за да летаат со помош на пловечки кожинки кои во вид на крилја се распнати меѓу долгите, ’рбетовидни прсти, налик на букет опашки, и така сите тие создаваат...“
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
„Добро ни дојдовте“, стои на еден транспарент, напишан со латиница, распнат на гранките од едно дрво.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Повеќе