расправија ж.

расправија (ж.)

По кратка расправија за суеверието, решив да ѝ покажам на дело дека е глупаво да се верува во несреќа предизвикана од скршено огледало.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Ќе си имаме уште расправии со него.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Тој веќе цврсто беше решен да не го отстапува станот но не беше расположен за карање и расправии.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Во постојани расправии со препредени и со лукави трговци Евреи, Ерменци, Македонци и други во Солун, и Битола, тој научи да се снаоѓа и да биде упорен во остварувањето на своите замисли.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Така расправијата се префрлила на попот, што не било првпат.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Недоизбувнатата расправија беше длабока и темна мудрост под превивки на сурово самозаборавање со што си ги криеја срцата, не толку еден од друг колку секој од себеси.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Дури и да завлезеа понекогаш во некоја расправија што би можела да се претвори во кавга, почитта што Бојан ја чувствуваше кон возраста на Кирил, го задржуваше од натамошни расправии, го присилуваше да се согласи со него, да попушти.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Сестра ми дојде. Мали брачни расправии, па малку во стариот дом на регенерација.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Докази за тоа имаше во бројни расправии со келнери и сопственици кои служат црно вино оладено како да е пиво.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Поверував - полицаецот е наполнет со сено: стоеше вкочанет и ја слушаше расправијата.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Тој очекуваше расправии, кавги, може и до инцидент да дојдеше, според она што беше слушал за тврдоглавиот и суров самозван војвода Толета.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Но отец Иларион знаеше дека Бонети не мирува, па често кога ќе го насетеше дека се вртка крај нејзината одаја, ќе се накашлаше давајќи му знак дека е буден, или ќе ја отклучеше вратата од својата одаја давајќи му време на Бонети да се повлече, да не дојде до кавга, до расправија.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Во текот на петдневната дискусија се изредија говорници „за" и „против" општо востание, дури најпосле Даме со неколку збора не ја прекина расправијата.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Настана детска пискотница, старски молби, плачки, пцости, физички напади и расправии, но откаде паднаа неколку старци од јатаганите на семејните, децата беа собрани и со кадијата на чело, одведени и затворени во еден конак, а старците си заплакаа и си отидоа во своите села да им ја однесат тажната новина на мајките и татковците од пленетите деца.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
После многу напорни расправии, откако Унијата била протуркана некако, помош од Европа била ветена: Но помошта за спасување на Царството Константинопол од навала на силната Отоманска Империја, никогаш не пристигнала, па така бранејќи се само, Царството Константинопол доживеало пад во 1453 година.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Особено една наизглед мала поединост ме вознемируваше, а тоа беше дека наводно, синот на правнукот на Нико Кочов, Петруш Кочов, во некаква нејасна околност, веројатно по некоја расправија (зашто нетрпението меѓу двете семејства траело до триесеттите години на дваесеттиот век, кога машките глави од семејството Кочови заминале за Америка), ја удрил жена му на мојот прадедо Славејко Поцо.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
На судот ја ислушаа фирмата, нѐ ислушаа сите работници што работевме на зградата, и почна расправијата: едно судење, две, три; едни тврдеа едно, други друго; главниот сведок што бил во близината на Ѓеро, на последното судење ја сврте работата изјави дека Ѓеро бил крив; скокна Анастас во судницата, свика: нема човештина, нема совест, за пара и душите си ги продаваме и во лутината му удри шлаканица на главниот сведок; настана расправија и Анастас го осудија на три месеци затвор; издржа еден месец и го пуштија бидејќи плати глоба.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ги затвора очите и продолжи да ги преметкува мислите што го опседнуваа од оној ден кога почна расправијата меѓу него и Царјанка.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Навистина, мојот цимер се погоди да биде младо момче со слични убедувања и интереси како моите, така што трите дена ги минавме во разговори и без никакви расправии и недоразбирања.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Учителот седна на работ од клупата и, откако убаво се изразвика за тоа што сѐ уште сме се зафаќале со овие меѓусебни поделби и расправии, ни рече да излеземе, а Буза и Марка ги задржа.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Повеќе