растура (несв.)

А сега остана само еден насмеан лик црно урамен над прагот и над столбовите и една голема тага висната од балконот студен мразулец забоден во градите на земјата каде се растура во ништо една прашинка од човек
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Лесно ни беше таа година: не моравме како другите години да крадеме и да растураме плетови како што правевме зашто луѓето ни даваа сами или ни кажуваа каде можеме да најдеме.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Некаде низ внатрешноста на затворот се растураа гласови и стапки.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тетка Рајна викаше по мене, се караше да не ѝ растурам, или да не се прашам, но тоа не помагаше.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
И иди пак визитата со црвени крстови, и пак се растура мирис од јод и од ракија.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ми се растура секој обид да составам мислење.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Јас сум за Југославија, велам и гледам во искрите што ги растура локомотивата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Мислеа и премислуваа: каков ли ѓавол оди низ нивната куќа и растура несреќи.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Додека со шашливиот поглед си тука меѓу познајниците, а со третиот крајник пак тука, но меѓу мислите, друштвото се крева и се растура, сопственикот ја расчистува масата, бифето се затвора во одамна затемнетиот театар и ти остануваш сам.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Го призна убиството на истакнати членови на Партијата, призна дека растурал субверзивни летоци, дека проневерувал јавни фондови, дека продавал воени тајни, призна саботажа од секаков вид.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Животот на земјата е понижување, душите бараат слобода во сините височини на ѕвездите; ќе појдат по неа, ќе ги проколнуваат и ќе ги плукаат туѓинците а тие ќе ги сечат со јатагани и ќе ги ослободуваат од печал и патила; сите што ќе останат ќе се растураат по селата и ќе собираат нови литии за предизвикување на смртта - оние што не ќе изгинат од оган и од железо, ќе се фрлаат во длабоки речни вирови, ќе се запалуваат по плевни, ќе се бесат во гроздови на свои јамки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Веќе се растураше пазарот, му плативме на анџијата за сеното, а слушаме вика човек. Ќе си одиме, не си одиме, ама нешто како да нѐ натера да појдеме кај човекот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
А појот, ту близок, ту далечен, ту длабок и растреперен, нескладен и испрекинат, се растура во ноќната тишина тажновито и пејовито, потсетувајќи на еднаш изминатото време што наврапито го однесоа и го однесуваат времињата крвави и мрачни...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Полицајците ни ги растураат врзопчињата, ни ги превртуваат џебовите, а една жена си зборува: сакам да си одам, сакам да си одам!
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ама, пак не знам како да кажам, умот ко вода ми се растура.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Слушаме ние кој што вели, кој како вели, и се растураме по ливадите.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Полесно ни беше, а во тоа никој не ни пречеше, да ги растураме гнездата на штетните птици: страчките, враните и чавките.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
„Ајте сега, господот ваш, обидете се ако ви држи...” им велеше на луѓето кои стоеја со копачките да му ја срушат; тие кога ќе ја видеа пушката, се растураа и пак се враќаа; тоа со месеци го чинеа: идеа со копачите, вртеа околу куќата и пак се распрснуваа кога ќе го видеа Бандо со пушката; се обидуваа и ноќе и дење, но тој секогаш беше тука: стражареше на мазгалката и ја вртеше пушката кон нив.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ја растурам косата и ја расправам, ја расчешлувам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Отсекогаш мислев оти не смее да се растура туѓата среќа на таков начин. Подобро речено, од каприц!
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Повеќе