редок прид.

редок (прид.)

Сосема ретки се вонвременските сонови И нема вонвременски аршини Со кои да се мерат и да се толкуваат сните А секое толкување на секој сон Треба да се прави со многу дикат
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Неразбирливо беше зошто со два прста го врти перчето на својата безбојна и ретка коса под која се гледаше светкаво теме.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
По тоа пак си легна на грб и загледан во небото посипано со ретки ѕвезди си зарупка слатко од зелката.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
уште еден домат или за двосмислената свежина на дистанцата во пишување …додека ја дочитував трудољубивата писмена задача на вашиот критичар против новата проза објавена во последниот број на вашето ценето списание се сетив на една од ретките средби со дебелиот кој по сто и осумнаесет дена и ноќи во истамбулскиот затвор и четириесетина килограми помалку си мезетеше сѐ уште со истиот прекар и со истиот апетит двојна салата од домати…
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
И кога се „дигна завесата", таа виде селани крај масата, со мустаќи, дури еден двајца беа со бели коси, а попчето, отунато во ретка црна брада и мали остри мустачиња, ни најмалку не личеше на Крстета.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ретките состојки на зборот Нѐ допираат во животот И ние ги изговараме.
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Знаете кои беа нештата што тогаш ги сметав за необични и ретки?
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Месечината ги пробиваше здружените круни на дрвјата под окитот во ретки, испокинати и морничави светли пруги, кои на таа модрикава темнина ѝ дава некоја сина глобочина, а самите во една ваква зачмаеност личеа повеќе на врескање, отколку на месечина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
За мене овие ноќи се ретки како есенското сонце за чергари.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ги пцуе сите свои паѓања и ретки издигнувања и радости, пониженоста и честите судрувања со лошото и злото и празните ветувања.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Доколку имате намера да се ставите на шини и да ве прегази воз, може во меѓувреме да се премислите со оглед на реткиот сообраќај како што реков претходно.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Помеѓу ретките позитивни промени вреди да се истакне валоризирањето на степенот на образование при утврдувањето на основицата за пресметување и плаќање на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
3. немир Но веднаш доаѓа нешто што личи на превез од плач оти е многу густа поплавата од изневерени спомени па долго треба да рониш додека се уловиш себеси – шкољко од премногу лажни и премногу ретки бисери Оти е голем тој град со огромни риби од улици што безредно пловат по немирното езеро од сонце во кое лесно би можел и безразложно да се изгубиш
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Кога ја отвори вратата, сега без изненадување, го здогледа својот прилично помлад колега Никола Гологанов кој му беше еден од ретките пријатели со кого со предизвик и задоволство ги споделуваше своите либерални сфаќања во текот на децениите на строго контролирано мислење и говорење.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Тој ќе се искиваше во дланките тресејќи ја главата како да клука, ќе ги избришеше темните танки усни и одново ќе мрднеше со ретките веѓи.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Петвековната турска империја целиот свој раскош го собрала во овие сараи и, можеби, ретки се други места што кријат толку големи богатства и скапоцености.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Овие забележувања за некого надвор од нашиот круг се многу ретки, на почетокот може и единствени.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Се свртев кон мојот адвокат кој гледаше во судијката чекајќи го нејзиниот прв збор и, преку неколкуте ретки влакна на тилот зад неговата речиси гола глава, ни се пресретнаа погледите со Ема.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Тоа е единствениот обид на сериозно сидрење на визуелните уметности во технологијата и психодинамиката на стварното и виртуелно исчезнување, една од ретките културни пракси која се обидува да го исправи општото отсуство од дискусии за деструкцијата во општеството.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Од последното стебло на буковата шума косо се спушта неголема чука и станува испресечена со ендеци и ретки куси сенки од дивите грмушки.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе