рѓосан прид.

рѓосан (прид.)

И кога горчината во неговото челично срце се прелеа, им рече на ’рѓосаните шини под себе: - Не можам веќе!
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Извитканите фотографии на кои стоиме заедно со дедовците на брегот, Крстот од своето дрво на полицата, Заклучените долапчиња во гостинската одаја, ’Рѓосаниот меч фрлен во градината, Мистрија на мајсторот, Големите бајраци што ги оддиплуваа на свадбите, Огновите летна ноќ в планина, Шкрипењето на портите рано во сонот, Третото венчавање на старецот од соседната улица, Првата прелага на вереничкиот прстен, Пладнето кога заминуваа некаде војските, Сѐ, сѐ некако одеднаш исчезна,
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
„'Рѓо 'рѓосана, Досто! Си видела сомун, па сакаш погача. Не ти е доста чупе, па требело и дете. Море, дертот ќе го вате ошче еднаш јас кога ќе стенкам долни крај, душата да ми излева!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Но по улиците немаше чешми, чешмите беа по дворовите, а во дворовите имаше кучиња, кучињата беа одврзани и ‘ржеа со рѓосаните заби по секој неканет гостин што ќе му се доближеше до сопственичката порта.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Има таква ноќ во која не постои збор Што може да ги одгатне сите лузни Има таква нож во која се распознаваат само `рѓосаните копја на оградата во дворот И некоја златокрила пеперутка што се провира низ нив Има таква ноќ во која ѕидиштата на собата се сосема голи И во која неочекувано до тебе како последна причесна Допира тешкото удирање на стар часовник
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Газеа по гнилите прагови, наведнувајќи се повремено за да земат парче одамна фрлена жица, рѓосан шраф или некој друг фрлен и заборавен предмет.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Околу куќарката имаше двор ограден со ѕидана авлија висока околу еден метар и со кренати ѕидани столбови меѓу кои имаше врамени жичани мрежи, сега разурнати и ’рѓосани, со малтерот испаднат.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Стариот рѓосан клуч штракна неколкупати, вратата од ќелијата се отвори, клучарот го пушти да влезе трговецот и пак ја заклучи вратата.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Козаци во долги црни долами заскитани по рѓосаните штипски ридишта танцуваа смртни игри врз испотените плеќи на неоседланите коњи Но не од радост И не од среќа И тоа е пијанство.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
И без престан благиот шум на борјето над нив да шумоли ко пеење и паметење и вечен запис врз стеблата и каменот под кој лежат ветените за кои сал дабот, чамот, кленот, карпата, ридот, парчето ’рѓосано железо и штикот скршен ќе раскажува во времињата што допрва ќе дојдат...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Покрај неколку скапани штици и ’рѓосани железа, во некогашната правлива гаража доминантен објект беше каросеријата на еден исто така бивш камион, кој сега со излупена боја, без прозорски стакла и тркала, заринкан во валканата темница демнееше како препотопско сениште, како страшен тотем на некоја изумрена цивилизација.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Внимателно го крена ’рѓосаното железо, изгравирана глава на лав, што висеше на она крило од портата кое не се отвораше при секојдневната употреба и околу кое беше напластен од страните мов, а од долната ивица, напролет никнеа тревки.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ѝ мрдаат и ушите, 'рѓосани од носење на евтини обетки.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Овие луѓе не возат блескави автомобили, ниту крнтии, ниту камионети со канцерозни и рѓосани каросерии.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Сѐ уште ретките живи сведоци го паметат тој далечен, кобен чин на омразата, подлоста и неизбришливиот резил, но обессилени од стравот, немо го врват патот долж ’рѓосаната бодликава жица...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Тогаш мојот хипнотички поглед го меша со мислите и страстите: Константно и директно се џари, Нема потреба да се умилкува и додворува На својот слуга за бакнеж, Нему, кој е сопственик на ужасите, Кој ја познава матката на отровницата, Пегава и одрана со црно, На рѓосаната вага на амбрата, Неговиот гроб - Затегната направа за мачење што предизвикува тага На која тој лелека - лелека!
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Во собата горе го оставив на масата. Беше рѓосано. Зедов крпче и го исчистив.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Се помачија малку додека да ја отворат ’рѓосаната врата.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
До самиот врв прескокнавме осум редови, сега, плитки ровови обраснати со висока трева, и на тој простор се гледаат повеќе `рѓосани куршуми и празни фишеци отколку дробен камен.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
До ковчегот, водарник со леѓен за миење и казанче за вода обесено над него со мало славинче; стомна, ѓум, матарка што татко му во свое време ја донесе од на фронт, целата исчукана од влечкање по ровови, а потоа и овде од носење по полето и планината; тепсија на која сјајот ѝ потемнал и ги покрил арапските шари на неа; над водарникот обесено парче огледало како месечинана на погибеж, прекриено со прашина и слепо; на спротивниот крај од креветот, ниска, правоаголна печка со четири нозе од кои едната е окуцана и потпрена со тула, со две тркалца на неа, - гусани обрачи што се вадат при готвење, и целата 'рѓосана; на неа оставено газиено кандилце како на гроб; на дрвената кукалка во ќошето обесена гајдата од татко му, провисната со писката и брмчалото надолу, како обесена овца; останата по смртта негова за да му го чува последниот дуеж во неа, неговата душа.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Повеќе