син (прид.)

Се прекршува во неа синото небо и сино ја обојува.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Со прстите на својата смеа што кружат во муграта наслутена те вадам од ова задушено купе што живее со здивот на тунелите и те водам во синиот и широк сон на јавата да се одмориш во зеленилото на пристигањето.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Не знам што точно но има нешто што може да се стори преку реките лесно и непречено да се минува зашто само така, потоа, животот ќе го стори своето, заклучив бидувајќи целиот обземен од сината светлина во која белата ја снема за заборавање.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Човекот во сина облека забележа дека може да се случи редот да се растури и прати поглед по неговата должина.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Во далечина се гледаше сина силуета на Пелистер а позади него отсјај од темно портокаловото сонце кое веќе беше зајдено.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Сината маичка си ја имаше изгубено првичната боја и повеќе личеше на апстрактно платно со огромни модри дамки.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
ГУЛАБИ Јатото гулаби наеднаш пркна од дворот сини диви исплашени не од истрел ни извик детски ни закана.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
По патот син што тоне во долината со од на мали питоми инсекти берачките на спомени поминаа.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Мајката имаше на нозете пантофли од син сатен со мали копринени панделки врзани во буква на врвовите.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Сега седам на тремот и мислам на убавите сенки стопени веќе во синиот чад на зимското небо.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Сина водо остана во тебе далечен траг од огнот тој заборавен говор на билките.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Носеше сина беретка, а спуштените бели коси му беа како перде на половина од главата.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Високите трски како ѕидови го затвораа од обете страни хоризонтот, само над нив високо и некаде длабоко напред се гледаше тесна лента сино прозрачно летно небо.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Тамам минуваше крај една висока авлија преку која се надаваа бујни јорговани и над којашто се извишуваше трикатна куќа со фасада на којашто преовладуваше избледена сина боја со два балкона искомбинирани од мермер и ковано железо, чу како крцна дрвената порта на горниот крај на авлијата, украсена со ковано железо.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Грбниците на ридиштата биле поделени со сончева дарежливост и со сини сенки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Месечината ги пробиваше здружените круни на дрвјата под окитот во ретки, испокинати и морничави светли пруги, кои на таа модрикава темнина ѝ дава некоја сина глобочина, а самите во една ваква зачмаеност личеа повеќе на врескање, отколку на месечина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Синиот пајак со златна глава безгласно се кикотеше под мојата кошула.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Небото се исчисти и се облече во чиста проѕирна сина облека.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Доаѓај ми, дојди ми ко ноќта полна покој во рацете сини со мрак полна в длабоките очи полна соне во мирните коси.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Времето се растргна. Меѓу облаците почнаа да се откриваат сини небески бездни.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Повеќе