скаменет (прид.)
Скаменет ја успивам и последната ѕвезда И храбро го напуштам полето: - Може за друг црвенеат цветовите?!
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
Таму, горе, по белината на скаменетиот снег, по која што се распознаваа траговите од јазиците на ветерот, почнуваше да зацарува некое волшебно усвитување, и тој знаеше дека тоа го носи оној сега сосема неразбиен бран на виделината, што продолжуваше да надоаѓа од зад планините, додека во сенките под него сѐ уште лебдеше густата модрина на ноќта.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Марко ја наведна главата и гледаше пред себе скаменето и загубено.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Попусто ноќта скаменета за смена денот го чека...
„Најголемиот континент“
од Славко Јаневски
(1969)
Жената уште долго остана да стои како скаменета.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Тие чекале со скаменети лица дали не ќе ја доловат од далечина песната на невидливиот гавран.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Не знаеше како да се движи на таква музика и како скаменет стоеше во место.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Ја бакна в чело и виде скаменет Божјиот знак одново како исчезна во небесата.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Нека ми простат скаменетите самовили од Леденото Езеро, ама тврдам нивните приказни за Вок со едното око се производ на лагите со опашки со кои се обидуваат да си го возобноват угледот.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Застана крај отворениот прозорец и се загледа со влажен и набожен поглед во ноќта: куќните покриви беа подвиткани `рбети на џиновски мачки, скаменети во своето вечно демнење.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Главата ја држеше сведната и скаменета.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Бузо вриеше од јад. Ги гризеше усните и, како кип, скаменето гледаше во оние што минуваа крај него.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Се исправи и во мигот кога почна да се крсти, сите опули, занемени и скаменети се заковаа во него.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Иако не умее да ги прочита, Константин знае што тие означуваат: тоа се еврејски записи на имињата и презимињата, епитетите, датумите на раѓањата и на смртта и епитафските пораки на надгробните споменици од луѓе закопани, некои и претворени во прав и пепел, на штипските еврејски гробишта, од тој бизарен мермерен мајдан на завршени човечки судбини, од тој неколку стотици години стар скаменет дел од штипското градско сеќавање од каде се земени старите надгробни плочи на вознемирените покојници и се вградени во основата на базенот од Кежовица, бањата со лековити термални води. Тие води не му помагаат на Константин.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Ноќ и ден и години долго млечни дождои ќе бидат И во сончеви порти кога ќе влезе Андромеда Урна и дрво како скаменети близнаци ќе види.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
Патем, културната и цивилизациска баштина не стои скаменета во времето туку во екстериторијалната стварност.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Алајко и Мире застанаа скаменети. Слушаа и во миг со гордост, ги стегнаа десните раце во тупаници, ги кренаа на челото како поздрав, небаре ја слушнаа државната химна или звуците на Интернационалата...
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Тој и вештерките скаменети на другата страна од Езерото.
„Авантурите на Дедо Мраз“
од Ристо Давчевски
(1997)
Косите, повеќе лилави отколку црни од јад или побелени од спомени, ѝ ѕиркале од под забратката и биле некако призалепени за скаменетото лице што не познавало насмевка.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Се фатив за некој исушен корен и притаено гледав тие црни сеништа стапка по стапка како ми се приближуваат вртејќи се околу себе, скокајќи кон ѕвездите, гребејќи и нуркајќи в земи, сѐ дури одново тоа грозно завивање не ми го скрши сонот и ме разбуди со меч со кој на крајот замавнав и на себеси За да се најдам скаменет во прекрасна болка - Скршен меѓу усамата и раната.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)