скеле (ср.)

Иако не беше седнат уште ниеднаш со мајсторите на скелето да ѕида, тој го имаше така научено мајсторскиот занает што немаше работа којашто сам не би можел да ја сврши.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
А по некое време, кога беа веќе зафатени во еден голем град и откако работеа доста за да можат да сетат што значи да се кажува копанката со вар и песок горе; на високото скеле на една раменица, откога можеа да сетат што значи и сѐ друго тука, старците често пати знаеја во слободните денови, или онака, делник ден, кога немаа што да прават во градилиштето, да ги пуштат сите нив да прошетаат по улиците на тој град, да го видат, да го рашетаат градот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И ниедно свое поминување по скелето тој не го запомни толку крваво, како што беше тоа негово последно слегување од највисокото скеле до земјата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Малку по малку, исчезна сосема и оној од разораната земја и од расфрланите предмети што ги опкружуваат сите нови градби; народот ги разнесе и водата ги однесе искршените колци и парчињата од скелињата и преостанатата граѓа, а дождовите ги измија трагите од каменорезачкиот труд.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
А утредента, додека тие ги носеа првите копанки нагоре, по скелињата, а еден мајстор најгоре пееше „Поминуваш, Јано мори, заминуваш, ми се смееш, Јано мори, не ми зборвеш“, оној доаѓаше до Башмајсторот, кој стоеше веднаш до нивното корито со малтерот и тие можеа да чујат сѐ.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Требаше да се направи мало скеле и макара. Тука се изгуби еден ден.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Беше еден лилав септемвриски ден, за другите тој секако беше сончев и чист, доѕидуваа некакво банкарско здание во Букурешт, беше на највисокото скеле, остануваа уште неколку реда тули до чатијата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
На скелињата почнаа весело да се довикнуваат, кога ја видоа колата, што се подаде оздола по сокакот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Кога пред пролетта почна да се топи мразот, секој момент загрижен, тој ги обиколуваше скелињата и насипите. Понекогаш и ноќе со гламна во рацете.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Имаше и денови кога ветерот ѝ го поткреваше фустанот откривајќи ѝ ги белините на ципите, или кога при разминување на тесното скеле ќе им се поджулнеа телата или кога ќе му подаваше цигли под него, а тој слободно ѝ ѕиркаше во нејзините гради низ широкиот отвор на фустанот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Скелето со сајлата сѐ уште стоеше фрлено крај оградата од кленики. Го исправивме.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
И така само израснуваше тоа во него, грижливо криено и придушувано од неговите рачички, што беа вредни, но веќе и премногу обрастени и заплеткани во коровот на тоа проклетство; се вкоренуваше тоа темелно во него низ сончевите денови на едно цело лето; деновите остануваа лилави и без никаква виделина за ова старче високо на скелињата горе, дури не стаса и до соништата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Дојде лута дома. „Јас, рече - ги честам од супата и репете им досипувам, ај греота се на студот качени по скелињата, а тие мене за мајтап ме имале!“ и извади од џебот розови купончиња.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Само од помислата на скелињата косата му се ежавеше и секоја жиличка од неговото тело врескаше: НЕ.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ја допирам твојата клетка космос, Сакам да сум зглоб на ѕвезденото скеле.
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Кога Стела ќе ги искачи двете кофи со малтер на скелето кај Богдан, ги турива подолго време во текнето свртена со задниот дел кон Богдана и поднаведната при што поткренатиот фустан ѝ ги открива бутините.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
На петнаесет дена пред Митровден, народот што ја минуваше Жепа преку греди, малку погоре од градилиштето, забележа првпат дека од обете страни на реката, од темносиниот камен од шкрилци, се задава еден бел мазен ѕид од делкан камен, преплетен од сите страни со скелиња како со пајажина. Оттогаш секој ден растеше мостот.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Но животот, што почнал така, зел да одминува, се затркалале една по друга годините, а далчниот свет како да ги цедеше преку триста сита добрините, што можеше да му ги искамчи за себе со своите ноктиња еден таков ситен, загубен човек од планините, останат калџија во мајсторските тајфи до својата четириесетта, по скелињата, со рамото, што му паѓало сѐ пониско од тешката копанка, што ја искачувал нагоре по тие дрвени конструкции, од под кои, како пилето од под лушпата, еден ден се излупувало и почнало да живее едно ново здание, секогаш наново, во бескрај.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Години со ред како го моли тој Аргира да го пушти на скелето да ѕида со мајсторите, но овој како да имаше камен во градите, а не срце: остана глув и нем за неговата молба.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Се ближам кон куќата, и леле, цело скеле, целиот скелет ми се ниша.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Повеќе