слаб (прид.)

Доста сентименталност. Слабите и неспособните нека живеат од спомени. Тие нека тагуваат.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Заборавен вишнеам на овој црн каменест пристан со крепкост за да ја хранам неизвесноста врз мене на мојата кора пластје напластиле заплашувањата но секојпат суров бев кон слабото.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Но нивните румени прсти ѝ се опираат смрзнати и нејаки и слаби црпејќи последни сили во топлиот сон за зелено
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Под светлоста на слабиот факел не можело да се забележи крв.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Предолгите нерамни и скоро кучешки заби диво се разголуваа под слабата селанска светлост што ни на ноќта ѝ се предава ни ноќ совладува.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Една слаба рака со машки влакненца и широка бакарна алка се проби низ толпата околу масата и ѝ понуди запалка.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Ја бакнував диво по вратот, ја гризев; таа молеше да престанам, да не ја повредувам; ѝ ја зграпчив кошулата и ја повлеков; сите копчиња се разлетаа во темнината и потем, во наредните два-три мига го слушав продолжениот звук на нивното удирање на кејот, како ситен дожд од ориз; на слабата ноќна светлина блеснаа нејзините млади гради, како кај кучка; почнав да ја гризам по целото тело, и одеднаш се најдов со устата врз нејзиниот папок; таа ме удираше со тупаници по главата, велеше дека сѐ е готово после ова, дека сум уништил сѐ, дека сум свиња, дека ќе ме пријави, задолжително ќе ме пријави, дека ќе ме убие, дека Партијата ќе ме убие кога ќе им соопшти, но мене веќе за ништо не ми беше грижа, и јас само го бакнував нејзиниот папок, таа рајска чаша со небесен нектар, тој центар на вселената и почнав да тонам длабоко, да пропаѓам во непознати длабочини;
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Беше мрак, а слабата светлина од колибата не допираше до нив, па Бојан не им ги виде лицата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На кулата светкаше слаба светлост од едно прозорче.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Надвор дуваше ветер. Слабата светлина од борината ставена во еден тас над огништето, одвај успеваше да ја осветли одајата некаде до половината, така што снаата ја криеше мракот.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Го држеше дома повеќе и поради неговото слабо здравје, не го пушташе на училиште иако веќе беше ја фатил осмата година.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Застанавме пред дрвена порта, таа чукна неколкупати и ни отвори висока слаба жена.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
А денот е слабо доенче и не може од мртовечкиот ковчег да направи колепка.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Седнат сам до масичката со машината за пишување, сред бледата светлина од лампата со слаб напон, ги препрочитував редовите.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Арсо чувствуваше како во неговото тело проникнуваше бодрина и сила и дури започна да чекори со уште слаби треперливи нозе.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Но, жените си се жени, имаат слаба точка и пред таа слаба точка не ги затвораат устите, па нека пропадне и светот ако треба.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Оти во злото мерка нема, како и во милосрдието и добрината; по тоа тие две подобни се и тешко ги разликува слабата душа човечка.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Конакот го знам, да ми ги врзете очите ќе го најдам. А и одбраната негова е слаба.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Надвор беше веќе арно смрачено. Низ џамлак слабата светлина се излеваше на улица и водата в бразда светкаше.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Ја опипуваа овие погледи неговата снага, слаба и недовршена во растењето.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе