споделува несв.
споделување ср.

споделува (несв.)

Писокот не може да се измери ни со акустичен барометар, стрелката се скрши од насилничка напнатост, разнесена во ширината на хоризонтот, на линијата каде небото и земјата бакнежи со страст споделуваат..
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Мајка го споделуваше Татковиот култ кон книгите уште кога се омажи за него, ама сега некој за прв пат ѝ подаруваше книга, и тоа необична книга која ќе ѝ припаѓа само нејзе.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Раскажувањето од гледна точка на нараторот, дете на интелектуалец, пријател на водачот на козарите, ја предочува реалноста на животот на оние кои постојано живееле како осумничени, за­што не ги споделувале идеите на новиот режим на власта...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Кога ја отвори вратата, сега без изненадување, го здогледа својот прилично помлад колега Никола Гологанов кој му беше еден од ретките пријатели со кого со предизвик и задоволство ги споделуваше своите либерални сфаќања во текот на децениите на строго контролирано мислење и говорење.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Во спомнатите „Комитски ливчиња“ посебно се инсистира на нејзината кооперативност и спремност да ги споделува со Студентот и своите интимни дилеми.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Рози слушаше како звукот на рапавите и нерамномерни крикови на гавраните сѐ повеќе се оддалечуваа, и тогаш ги слушна последната анатема од Кети и веселото чуруликање на црвеношијките, кои ја споделуваа омразата на Кети кон гавраните и нејзините ревносни клетви секогаш кога ги бркаше од градината.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Благодарам што толку великодушно ги споделувате.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Оваа книга ѝ ја посветувам и на својата поетска генерација - генерацијата која ги изгради естетските фундаменти за развојот на модерната македонска литература - со која творејќи над 50 години еден покрај друг, ги споделувавме сите радости и горчини на творечкиот чин.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Единствените докази се внатре во мојот ум и не знам со сигурност дали и некое друго човечко суштество го споделува тоа мое сеќавање.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Веројатно скришум и тој ја споделуваше мојата радост, но не сакаше по никоја цена да ја покаже.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
А тој таа можност ја нема. уште како малечок се сврза со црниот живот на мајка си и заедно со неа подеднакво го почувствувал и го споделувал навредливиот бич на сѐ она нечовечко и зајадливо спрема нив.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Ја споделував камиевската распнатост меѓу аисторискиот пејзаж и историската реалност, меѓу кралството и егзилот.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Ја споделуваше со своите книги својата голема среќа дека на Балканот го пронашол својот вистински собрат по книги, со кого можеше да го сподели чувството на триумфот во поразот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Немаше, освен со Чанга и со домашните, со кого да споделува мисли.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Сѐ што ќе те мачи, споделувај го со мене и со мајка ти.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Преземајќи ја сета вина на себе, не собираше сили да ја споделува загубата по синот со жена си, колку и таа со очите да го молеше за тоа. Ѝ ја препушти грижата за помалата ќерка нејзе, како што се отуѓи од сопствениот дом, навраќајќи не толку да се види и да преспие со нив, колку да се пресоблече и да ја избричи повеќедневната брада.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
За среќа, Пелагија и Танаско од рамната земја донесоа и доволно храна, особено пченка и леено свинско. Тоа дури го споделуваа со оние околу себе.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Професорот Седларски понатаму објасни дека ќе се обидел да пренесе одредени поединости забележани во записите на спомнатиот монах иако го споделува ценетото мислење на некои свои колеги дека дури и со поместувањето на обичниот мртов предмет од едно во друго време или од еден во друг простор може да дојде и до промена во толкувањето на веќе презентираните вредности не само за спомнатиот предмет туку и за времето на неговото настанување, за изгледот па и за настанатите промени во неговите особини.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Личноста може да биде како некој друг, а при тоа да не биде тој некој друг; чувствата можат да се споделуваат, не мешајќи се и не втопувајќи се во чувствата на другиот.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Заеднички ја споделуваа болката за загинатите, за осакатените, за опустошените села, за изгубениот имот.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Повеќе