споулави св.

споулави (св.)

Некои од мажите се исплашиле од многувлакнестата сенка од која кокошките по дрвјата се споулавувале, некои посилни од ужасот на врколачките ноќи пак оделе да шопаат крај оградите или зад нив враќајќи се дома со искокорени очи дури пред изгревите; потоа се нашле двајца или тројца антихристи и го намердале врколакот, го соблекле и со стапови го потерале кон пештерите во кои обработувале камен ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Стравуваше, еден ден, тој да не споулави од толку читање и заборавање на вистинскиот живот, да не му се случи како на едно друго дете од соседството кое, заминато во младоста во туѓина, во Романија и во Австрија, се врати со многу книги, а заврши зборувајќи си, со денови, самиот со себе чекорејќи брзо крај Езерото и служејќи им за потсмев на суријата деца.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Ова радио како да беше споулавено.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Во откраднатата крбла за млеко гмечел со боси нозе туѓо грозје, се опивал, ревел споулавено.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Не помагало, Проказниците се споулавеле. Најпрвин гризале дрвја и камен, потоа ги извлекле од кании сабјите на пашите и си ги испоклале жените и децата ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И споулавен, некако се спроврел низ трупови и урнатини до грмушки на ридишта од кои со запалени очи гледал како аскерот ги докусурува ранетите востаници и ги закитува со пламен куќите на Негуш, потоа со камшици и кундаци да ги гони низ февруарско сивило пленетите жени и деца кон пазари на бело робје.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Споулавен цртеж Сѐ се канам, сѐ се канам, кон твоето око свртен, да ти кажам што сѐ стана на некаков детски цртеж...
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Татко ми го затвори радиото, го извади шнурот, и го однесе во својата соба, овој споулавен апарат што, за толку кусо време, посеа толку немир.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Но му дојдеше ли писмо од дома или од неговата саканица Царјанка, му јавија ли дека има свадба в село, ум немаше во главата; како зашеметен, како споулавен шеташе низ касарната; ниту му се јадеше, ниту го редеше на ум она што му го зборуваа на вежбите.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Стрелал и стрелале кон него, се споулавел, во ноќните соништа пак стрелал и пак стрелале.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ќе се споулавеше таа. Врвеа денови, а него го немаше.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
III Се споулаи веков: рацете ти се на нива очите в кафеана главата под земја!
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Се разбира никој не се осврнувал на неговите дописи, некои дури и го сметале за споулавен дипломат!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Ми ја зедоа Неговата слика и беа уверени дека ќе се споулавам во осамноста, ќе легнам врз шините на некој колосек или ќе се обесам на својата врска. понекогаш ме совладуваше криза - навистина зошто да не се затворам во некоја далечна плевна и да не се оградам со оган?
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Не, не можев да сум поинаков од другите, со нив раснев и од нив учев, и не верував дека е прв ден на пролетта: минува времето низ мене, ме џвака однатре, ќе се споулавам, мислев и ги бришев солзите на пониженоста.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Јас знам бранови разиграни, ќе те убијат тебе во мене, ќе останеш трага во непостоењето ко споулавен ќе играш во соленото блато на образот ќе ги откопуваш со ноктите нежните насмевки што ги однесе олујата на ова време ко развигорец распеан пратен од ритмот на, чекорот што одминува...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
И се случило Панделиј Каламарис трипати да се споулави: еднаш кога останал сам и ранет во рамо меѓу своите мртви борци (и болен водел чета темни пушкари) со кои раснел и сонувал битки; потоа кога војводата Зигас, за да не се предаде жив, фрлил запален факел во бурињата со барут и, чиниш се здружиле стотици молњи и громови, летнал на парчиња кон сонцето покриено со чад; најпосле, кога десетина жени со дребни дечиња в раце се фрлиле за одбрана на честа во водопадите на Црна Река, меѓу нив и жената на Панделиј со близначињата.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Иако, се разбира, тој знаеше дека за Петрович се зборуваше дека знае наеднаш да ти пресече некоја ѓаволска цена, така што дури и жена му да не може да се воздржи и да не викне: „Да не си се споулавел, глупак ни заеден!
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
А надвор зима студ дотогаш невиден, свири ветарот од сите страни како споулавен.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Таму, во големата сала, еден дојденец, за кого не сум сигурна колку беше Козак, почна да аплаудира како споулавен кога беше соопштена веста за раѓањето на наследникот на Иван Степанович.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Повеќе