срт м.
срти несв.

срт (м.)

Како извор како глечер што под карпата се буди Искачен на лесни нозе а со копита од кремен Облак пенлив што го знае секој камен секој срт А по дното на поилото само еднаш кај ќе згазне растат млади месечини.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Низ прозорецот можевме да го забележиме едниот од петте стражари чија силуета на сртот од благата височинка личеше на стрелка која се движи според строго одреден интервал, навестувајќи го скорешното паѓање на мракот.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Се загледа во полната месечина на која се оцртуваа линии на човечко лице: нејзе ѝ се причини дека тоа лице првин ѝ се насмевна со подбив и закана, потоа се смршти, се стемни, дека светлината истече низ некој дол од другата страна на темната планина чии сртови едвај се забележуваа како грб на огромна камила.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Мечката уште веднаш го имаше исфрлено од себе неговото јарче и стоеше свртена кон него, а по сртовите се расцепи еден таков див вресок, од чијашто болка чиниш и дрвјата здола го истресоа тешкиот окит.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Со погледи го прошетаа местото над патот сѐ до сртот горе на планината, но ништо не се гледаше.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Јас оттаму дојдов и згодно место е сртот.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Свеќата на изгревот догорува На сртот играат кентаури И јас веќе се врзувам За соѕвездието на плодот Што некој ми го ставил в рака.
„Век за самување“ од Веле Смилевски (2012)
Голем пламен го гори небото и целиот срт го покрива пурпур кој преминува во кадифе, а топката сончева запаѓа зад ридот и со последното болснување, воздивнува и завршува денот.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Ќе се истоварат над нас и ќе се загубат зад вршките, зад сртовите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Не ми доаѓај, мила мајчице, не ми доаѓај под сртовите пелистерски - Може токму тогаш да намине и да ја одмине домата наша...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
О војската на април мртва лежи помеѓу овој и оној срт!
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Сонцето слегуваше сега побрзо и само уште половината сјаеше на сртот.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Темни и заканувачки облаци се појавуваа зад планинските сртови, ама никако да ја поклопат скопската котлина.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Погледот им беше устремен накај сртот на Беласица што се одразуваше на јасното небо како остра црна рецка: таму некаде во нејзиното подножје, се наоѓаат младинските бригади, нивна крајна цел.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Северниот ветер сега имаше голем помошник во ноќта и во нејзиното заладување; седеше тој сега раскочоперен на заблескотените сртови во далечината, самоуверен и остер во синикавите, разискрени ѕвезди по високата цибрина, но јасно беше дека тоа е само еден привид.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Сртови стрмни Кај и да погледнам Друмови црни Главата ја веднам Шуми непроодни Се плашам да мислам Ширини сводни Дозволете со мудроста – Да блиснам! 2007
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
Во шумата полека се пластеше темница. Косо издолжените сенки на дрвјата се распливнаа, во далечина планинскиот срт порасна.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Така легната наплеќи, подзамижана се загледа во сонцето што веќе го беше преполовило денот. Ѝ се пристори дека откај сртот слуша скрцкави чекори.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Ги надаваат главите од зад сртот, зад мене.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Благодарејќи му на привидот напати и бездната се престорува срт за да нѐ возвиши!
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Повеќе