стасува (несв.)
Пушката му стасуваше до колениците, иако ја носеше на повисоко рамо и со цевката нагоре.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Погледот никаде не стасува подалеку од стрмните ридови, а дозволениот простор за движење го обележуваат сенките на боровите и бреговите на двете рекички.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Погледот ти стасува до кај што ти стасува и плуканицата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Копа секаде водата и ги стасува и децата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Се прикажуваше една шега дека еднаш ѝ напишал мајке си да му прати пари да си дојде додома од градот, до каде што стасуваше железницата.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Но ранетата волчица можела да се пои од Климентовите води и да ја наслушнува со жили тешката бучава на недопрените шуми неподелени помеѓу ајдутите и рисовите; секирите на фукарата и бичкиите на имотниците не стасувале да ја ограисаат целата невиност на животворното зеленило над кое, секогаш, и небото е посино.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Стрелецот, не стасувајќи повторно да ја наполни пушката, се исправил од зад сипаничава карпа и потрчал кон недалечно дрво за чија гранка со узди бил врзан оседлан белец.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Милозвучноста на измешаните младешки гласови не стасуваше до ушите на Рада.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Нивниот глас не стасува сиот до ушите наши. А пак, ти крева морници.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
- Во луто време, вели Јон, никој не знае кај бил и никој не стасува кај што тргнал.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Не се догледуваат оти се во душата, а душата е секаде до кај што стасува умот. „Ако тревата мрда, а ветер нема, има нешто друго што не се гледа.“ Така велеше Лазор Ночески.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Нашата печалба некако стасуваше да се преранат браќата; продававме лилјаци уловени со мрежа в дувло, носевме крст на покопите, некои крадеа, некои веќе питаа по гробиштата.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
- Оти ова писмо сум ти го пишувал јас, вели, од фронтот уште, а еве дури сега стасува. Ебати поштите, вели.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Не стасуваат луѓето. Сам гледаш, паѓаат од работа...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Стасувам до Скара и нозете веќе не ме ризаат. 239
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Оној последниот беше малечок, со едно ситно телце, така што едвај им стасуваше до рамениците на двајцата напред.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
5. По две недели стасува писмото од Главниот одбор на НОФ: ,Гледај, бездруго да се вратиш, нѐ чекаат големи задачи.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Но еве стасува автобусот од градот.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Како да стасува од друг свет, од зад некоја граница до која нивните мисли ни во најсветлите мигови не ќе најдат пат, низ ветрот се пробил танок писок.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
А тука, уште во подготовката, секоја етапа е преполна со впиени слики: месарот што во бела престилка го мерка рибичот кај кичмата, па вели – „земете го подобро, газда Павле, бутот, преседен е само ноќ“; потоа, месењето леб „на помеко“, со топчиња тесто што дебелички и масни се распоредуваат по обелената површина на масата, за повторно да се спојат во сладострасна, леплива прегратка; додека тестото стасува, месото, во коцки, се брашни со црн пипер, црвен пипер, сол; Потоа боцкањето – топејќи ги прстите, дедо во тестото, сјајно од свинска маст, издлабува кратерчиња за да го смести месото; потоа, на тепсија, во рерната, пастрамајлијата се крчка, бабри, воздивнува.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)