стихија (ж.)
Љубомората налетуваше на мене со упоритоста и стихијата на разбеснети бранови кои ги рушат гранитните карпи и дробат на мали парчиња.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Едни зборови веднаш потонуваат на дното на сеќавањето, други зборови се препелкаат во виорите на стихијата, трети зборови се одмараат од преголема употреба.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Нашето црвено ждребе, нашата улава стихија, кога би се сетило на овие ливади и на оваа месечина ноќва - тоа со еден единствен скок би ја прескочило високата планина на времето која нѐ дели, би ги прескочило сите ноќи, значи, и сите одминати години, и би се покажало од некаде, би се растрчало и потскокнувало, би виштело од радости, и не знаејќи дека со своите тенки копитца тоа тропа на вратите на сите кои растеа и трчаа заедно со него, заборавени веќе и покриени со крвавото руменило на залезот...
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Ја гледаше како се просребрува, иссвирувајќи пргаво низ дебелиот трупец, ја гледаше како тоне во неговата длабочина, сѐ додека не можеше да ја префрли преку себе првата вита штица, што ја извади; можеше притоа многу лесно, со сите примитивни лостови, од кои беше самоделски направен целиот тезгав пред него, уште во првиот следен миг да ги упати замавнувањата на таа подивена челична стихија во она место од трупецот, каде што му беше потребно нему, а пилата го послуша и писна.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ѝ се предадов на стихијата да го запишувам или поточно - само да го запишувам она кое се корнеше од мене во околности (се срамувам од зборот што ќе го употребам) - на неподносливи страдања, на стравотни болки во коските.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
А сега ако речеше нешто можеше да стане и кулачки елемент, и ситносопственик, и малограѓанска стихија, а таа врата е многу широка за влегување, но за да се излезе од неа би требало прво да знаеш да се провлечеш низ иглени уши.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Од тука гледа како од обете страни на езерото и во самото езеро кипи дива, нагла, страстна, непомирлива, слепа, отворена и смртна, бесна и упорна како неразуздана стихија - борба за живот и како што сѐ повеќе се разгорува омразата и пизмата.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Најобична глупост, зашто живеев пресметано и прецизно, со презир кон стихијата и лирската анархичност на моите врсници.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
А Неда, носејќи го на раце лесниот товар, силно офкајќи, се качи по ретките високи скали, гологлава... Нова стихија разнесе плачој.
„Сердарот“
од Григор Прличев
(1860)
- Зошто? Што имам јас со Евреите, се бранев од стихијата, од нив, од себе.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Тоа секоја буква од чудното сочинение што го донесе Филозофот лелекаше, врескаше и плачеше, како жив човек да е; и силен мирис на месо печено почна да кади низ воздухот на шумата, и мирис на коски изгорени, чадот и мирисот незнабожечки, хула ужасна, мирис на месо човеково печено дур до небо се креваше; и одеднаш, сите дванаесетмина видовме глетка ужасна, страшна: тврдите слова на едно место во огнот се збраа, па се распоредија во костур човечки, и станаа коски; а меките гласови во месо се престорија и во огнот од сите букви се сотвори човек што гори; косата му гореше, телото му гореше, коските и месото му гореа, и тој врескаше, лелекаше, и се обидуваше да излезе од пламената стихија.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Стихијата пак ме повлече. Животниот виор ме заврте и ме понесе низ сувиот град.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Раскажувачки талент што е повикан во животот на нашата литературна повест од силниот бран на нашата вековична раскажувачка стихија.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)