суводолица ж.

суводолица (ж.)

Луњи да кршат и да не го скршат Земја да се тресе и луди ветришта и суводолици тоа да расте над нашата несреќа високо - На него да се обесиме!
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Матната влече лисје, гранки и трупци, тркала камење, во суводолиците матно и лудо клокоти дождовницата.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
До што е суводолица се вовлече в земи да те откорне; До што е бог под сите дна те закопа!
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Луѓето, стиснати меѓу чуки и суводолици, се поставувале зад камења и зад џунки со искуство на војувачи.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сега сум и без маж и без дете, што се вели, ко суводолица станата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
На едно место, суводолица го има скинато. Треба булдожер од градот да го зарамнат.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
како ние да не сме го врвеле, ама не бре, кој може да нѐ запре, кога ќе те удри улавата мисла, полоша е од стечена суводолица и не гледа кај врви, што ќе откорне, што ќе забере, а босот уште ни вели, вратете се ако нешто не е о кеј, пак вратете се,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На Гого му беше исхраната последна дупка на шупелка: имаше чардак за работа, имаше ќелија или за сон или за несоница, имаше поглед кон суводолицата на детството.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Земјата растлеана жива пуза, отворена гладна уста со стрми суводолици, со реки од прав и пепел.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
По извесно време дојде комисија од двајца инженери, ја прегледа куќата, го проверија земјиштето на кое лежи и констатираа дека куќата лежи на растресито земјиште, дека во нејзината близина тече река која е суводолица и во време на буици го подлокува коритото накај куќата; во дворот од куќата има бунар длабок 6 метри, чија вода е матна од пробивањето на реката или од подземните води кои тлото под куќата го прават нестабилно.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Кога појде со стиснати усни низ стеблата, некој од селаните дофрли: „Оздрави и врати се, попе,“ тие танки, пајажести нишки не допреа до него, се распрснаа под зелените стеблаци и изгаснаа оставајќи ја недореченоста на луѓето да се грчи во некоја нивна внатрешна суводолица. Поп?
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
I Куќите од селото се раштркани која каде: едни крај езерото, други крај реката што слегува од планината и тече низ селото; реката е суводолица: лете коритото е празно, исушено, како оглодана риба; во пролет и есен водата надојдува, плави, луничи, бучи преполнувајќи го коритото и влечкајќи со себе сѐ што ќе најде по патот, се разлева, ги подлокува трапчињата, сокаците, ги урива мостињата и плитарите од плевни и кошари и ги влечка со себе растурајќи ги во езерото каде што се влива; луѓето трчаат по реката и си ги собираат во езерото однесените работи: греди, штици, каци, ношви, буриња, кошови, сандаци, и по некоја живинка што не се удавила; вртат со чамци, ги собираат или ги туркаат кон брегот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Исплашени од нешто, од дневен лов на лисици или од сенка на даб што им се доближила, неколку еребици пркнале со густ шум на брзите крилја, со цвркот го напуштиле ридот зад нив и се изгубиле во суводолица, во сува скрка на секакви камења.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
4. Меѓусвет: габи Нивните форми ни сраснуваат за погледот и се огледуваат, привидни призраци, во воздухот: чадорчиња затворени со сласна слузокожа во бела мека лека обвивка памучни жизнерадосни белутраци млечни фереџиња повлечени, со тек на време како лажни ветувања демодирани манири на постоење; дволики појави, многуглави ламји - сенките предвреме да се насетуваат со флуид на влекачи и глодари за да биде кошмарна прошетката да има наезда на невестулки да има сѐ на претек: царски ѓубрарки, сончарки или „кукмарки“ (име за сѐ!) галапки, пупавки, млечки, рујни рујници јајчарки со боја на манго на папаја, јапонско лале или јаболко летни вргањи распукани како петици како суводолица збувнати небаре херпес по грозница.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Кога го превалија ридот и се спуштија прудолу, наидоа на надојдена суводолица.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Во таа чудна суводолица, ни рана на заздравување, ни болка, ни спомен на болка, во сета нејзина издолженост, до работ на острата вилица, лежела зимска модрина на истинато месо.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Бегајќи по источниот лак и спуштајќи се низ неговите надворешни падини, низ полето, по доловите и суводолиците, стигнуваа во мариовските планини.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
2. Забрането веслање на суво Забрането суво во суводолица Забранет страв во пукотница Забранет пејзаж во поезија Забрането копање компири Забранет сомнеж во надежта Забранет вител во глуждот Забранет глужд во кабелот Забрането подгазување на газдарицата Забранет пикасо во кукуречани Забрането кукурикање во песочани Забранет одговор во дворот Забрането сонување на јавето Забрането јаве во несоница Забранета жед во жена Забранет страв во темница Забрането двоумење на делница Забранет црв во небесен корен Забрането гракање според “Неверморе!”
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Од ова место, од овој брег, Профим наутро прв узнава каков ќе е денот; прв наутро со очите шета по езерото, и по неговата мирна или разбранета површина, заклучува каков ќе е денот: убав или лош; одовде тој прв го здогледува и раѓањето и умирањето на денот; одовде прв на дланка ги дочекува дождовните капки, првите снегулки, ветровите, маглите; по сите пролетни и есенски поплави што го зафаќаат селото, тој прв излегува од куќата како дедо Ное од ковчегот, и проверува што сторил господ; што однесле суводолиците од селото, а што оставиле; одовде тој секое утро се прекрстува кон манастирчето Св. Арангел, молејќи го за здравје и долг живот.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Гого ги протри очите неколку пати, да не е само да му се привидело, од пусти желби и немирни сништа, но таму сетики стоеше неговото име, името на татко му и семејното презиме, што си го носеа по името на селото сѐ по удолницата од сртовите, по суводолицата на скрките.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Повеќе