тврдина ж.

тврдина (ж.)

Зад Тврдината преку реката се пробиваа првите сончеви зраци.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Плоштадот му изгледаше сосема чист како голема метла да ја измила нечистотијата што го зафаќаше сето пространство од кејот па сѐ до улицата над тврдината.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Опседната од маѓиите на сонцето се распаѓа тврдината на моите зборови.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Наредија ранетите да се приберат и аскерот да ја запоседне тврдината.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Ќе ги оставиме речниците. Ќе излеземе во стариот дел на градот, по тврдината, во старата чаршија да видиме дали уште живеат османските заемки!
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Или си сенка од тврдина зад која почнува незнајно Кралство.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
А оваа тврдина беше токму таков споменик на паднатите империи...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Двајцата покажуваа нешто по должината на брегот, се вртеа повремено кон Тврдината, потоа слегоа по скалите до зајадливите бранчиња на реката што удираа на бетонот, едниот клекна и ја пикна раката во водата, си ја накваси до над глуждот и со дланката си помина по челото.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Ги видоа сите налегнати борци и наредија да се исповрзат добро и да се затераат во тврдината; да се затворат во нејзиниот затвор и добро да се пазат.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Плашејќи се секогаш од радикални решенија со смекната душа од селидбите, од ударите на судбината, тој сега гледаше дека децата се ослободени од неговите фрустрации, но го плашеше тоа да не предизвика спротивен ефект во новата средина, па да се урне неговата морална тврдина.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Одбрав тема во духот на мојот балкански патријархален инстинкт, од нашата неприкосновена тврдина низ вековите семејството, во чиј методолошки пристап не можев да се ослободам од принципите на дијалектичкиот материјализам, во рамките на славната советска наука по Октомвриската револуција.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Брзал кон куќа со гнил дел на чардак, тврдина на стаорци или човечко дувло од плитар што не можело да има поинакви прозорци освен од парчиња момирок врзувани со олово во несигурната рамка на квадратот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во таа тврдина крај морето на осамениот владетел.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Првиот да одиш исправно, вреден, тврдина, бедем на одбрана луда, во овие времиња, на онаа што вреди.
„Илузија за сон“ од Оливера Доцевска (2013)
Од тврдината чадеше само некоја гнилеж, некоја задушлива смрдеа што ја сеќаваа и околните села.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тивкото ветре што струеше од реката го зафаќаше мазното лисје на мамутските тополи што долги години самееја спроти тврдината небаре решени да ја надвишат.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Татко ми ја напушти и последната претпоставка од дното на свеста дека Чанга со козите открил подземен излез од тврдината до оваа стерна.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Заѕиданата мајка, принесена како жртва во темелите на мостот, на тврдината, од страна на своите девери, за да не се урива градбата, барала да се отворат дупки за да може низ нив да се дои чедото од градите на мајката.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Но Козар маало израсна во наша бела тврдина на животот крај големата камена тврдина.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
И тие четириесет и три мали тврдини од оној свет - камен врз камен, во пукнатините на ѕидовите гнијат диви треви, врз истоштеноста легнале неотпорни покриви.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе