теши несв.

теши (несв.)

После го крмеше своето немирно срнче и го тешеше да не ги зема толку присрце оние завивања, сѐ додека не се смиреа и не заспиеја.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Барем не ми ги гледа солзите, се тешев.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Вечерта Филозофот ме тешеше во мојата одаја.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Се тешев со семожни аргументи кои припаѓаа на други времиња и контексти, но не може да се сметаат како дипломатски парадигми!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Можеби тоа било онака како што се случува завидливите да се тешат со својата морална чистота, иако, од кажувањата на Методија, можев да сфатам дека Симон не бил обземен од чувство на неуспех.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Имаше нешто неприродно - разлика во времето, грешка во сонот во жената двојство ти во едната рака држеше стрип или викенд роман, со другата ја тешеше, искуството не ти помагаше да го прикриеш „туѓиот говор“, книшкиот изговор мораш, значи пред тебе животот се отвора како покладен портокал дива циклама, праизведба мораш, значи немаш објективна причина туку мотив, емотивна мечта некоја друга Прокна или сестра ѝ Филомела 8 некоја друга Семирамида или прислужничката ах, мамката на анонимните жени отровот на тривијалните судбини барем да исчезневте сосема да не морам да го слушам, да не морам да го повторувам „гласот на ткајачката“ крикот на кросното, јавката на откинатиот јазик, нејзиниот, мојот нејзиниот мојот.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Мајмуните скокаа по големите совитливи гранки, кинеа крупни банани, се расправаа отворено и понекогаш се бунтуваа, тешејќи се и жалејќи се на законите на старата џунгла.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Гого и жена му го запознаа девојчето кога дојде синот дома да си ги собере пљачките, а после останаа да се тешат: Гого наоѓаше оправдување за неговиот наврапит (по него) и непромислен (по неа) чекор, во тоа што детето, односно човекот, сака веќе да се осамостои, да застане на свои нозе и да заснова свој дом, па и да се оттргне од влијанието на таткото како сликар и просто да излезе од сенката на неговиот авторитет.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Те фатиле затоа што си се уплашил. Откако те нагмечиле в затвор почнуваш да се лажеш себеси и да се тешиш слободен сум јас, мили луѓе.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Но сега, тазе бистроок, расеано застанувам на балконската врата и безволно си се тешам што темнината сепак не била бескрајна.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Тоа ги тешеше и им ја зголемуваше силата да издржат.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
За тоа ќе има време, се тешев, но тоа време неповратно го загубив…
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
И не само мислење, нудеше сослушување, совети, рамо за плачење, пречекуваше, испраќаше клиенти, тешејќи ги дека сѐ ќе биде во ред, дека нема да биде залудно нивното барање што го доставиле, дека ќе се случи чудо и дека токму ним ќе им биде помогнато, дека не смеат да изгубат надеж во институциите на системот, дека тој искрено верува ... иако сѐ што му се плеткаше во главата, во моментите кога ги кажуваше овие сказни од земјата на заблудата, беше едно здушено „ееххх, кутри луѓе, штом животот не ви помогнал до сега ... но којзнае...
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Го возиш цела ноќ, по пат го тешиш, го молиш да издржи, да не стенка, му велиш и му ветуваш дека уште само оваа кривина да ја поминеме и зад таа или другата ќе се отвори поширок, порамен пат по кој побрзо ќе стигнеме до болницата; го носиш за да оздрави, а тој, ти се скаменува, оладува, те гледа со стаклени очи.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Патема собраа со себе што најдоа: луѓе, стока, и за инает ги запалија сите посеви кои веќе чекаа срп и им нанесоа големи штети на селаните. – Море кој ги гледа штетите кога останаа главите – се тешеа селаните и еден по еден се прибираа по селата за да почнат нов живот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Ме теши човекот, ми зема од болката моја.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ја тешат ко миловидни ластовици, ја делат од трупот студен, толку мил.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Лажно се тешев. Времето минуваше во ново одложување, пред новите дипломатски настани!
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Се тешиме со фактот дека можеби аполитичноста (која е неизбежна социјална последица после вакви енормни порции политика што ги консумиравме последниве години) повторно ќе ги натера луѓето да се бават со својата најнепосредна околина, земајќи го од социјалистичкото минато она најмалку лошото: презирот и игноранцијата спрема политичарите сфатени како некакви хипер-прилагодливи стаорчишта што ријат по житните амбари и повеќе наликуваат на елементарна непогода отколку на „мафијашка структура”.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
На кои гробишта талкаш, красителу на мртвите, на кој споменик, врз кој гроб го дотеруваш мермерот и врз него името му го врежуваш со длетото и чеканот, со која тажна младеж разговараш преку студена земја, чија мајка тешиш?
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Повеќе