турпија (ж.)
„Има луѓе што умираат праведни, има луѓе што умираат грешни”, им велеше попот: ”на праведните смртта им се јавува весела, а на грешните намуртена, страшна, лоша; луѓето се страшат од неа и затоа пред умирачката си го покриваат лицето со покривка за да не ја гледаат; смртта е како некој мајстор; турли-турли алати има: тесла, пила, секира, глето, клешти, сврдел, копан, затегач, турпија, скоби и многу други алати; најпрвин ќе зафати болниот од прстите да го разглобува со сите тие чешити алати: оди од зглоб до зглоб, и откако ќе го разглоби, почнува жилите да му ги сече, и најпосле ќе почне со секира да го мава по тилот додека не му ја земе душата; кога ќе му ја земе душата - ја носи право кај бога на поклонение, а потоа, еден ангел ќе ја шета душата открај-накрај на небото и открај-накрај на земјата за да ги види сите убавини; ќе ја носи по сите места каде што шетал човекот додека бил жив и ќе му покажува ангелот сѐ што чинел: добро или лошо; на четириесеттите дни ќе го врати човекот кај гробот и ќе му ја покаже мршата негова кај што лежела внатре; по четириесеттите дни, пак ангелот душата ја носи кај бога, и тогаш господ ќе му заповеда на ангелот да ја носи душата во рајот или пеколот; ете, затоа треба на умрените до четириесетте дни да им се пее на гробот и да им се носи задушница; со тие добрини може господ да се смилостиви и да им ги прости гревовите: зашто до четириесетте дни душата не му е пресудена на човека”.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Веднаш потоа тој го извади приборот за сечење нокти од неговата розова чантичка, ѝ ги извади очите со малата турпиичка и се упати кон најгустиот дел од шумата, со надеж дека ќе се изгуби и никој повеќе нема да го најде.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
„Ене, на онаа полица имаме секаков алат: метро, пила, чекан и чеканче, клешти, дури и моторцангли, сврдел, турпија, кутија со клинци и завртки од разни големини.
„Клучарчиња“
од Бистрица Миркуловска
(1992)
За изненадување на Ване, сега на масата, од десната страна на мајка му, седеше стариот - но не оној стар што го знаеше туку сосема друг, како којзнае која копија од оригиналот што си имаше свој отпечаток дури за и на малиот прст од раката, во вид на дискретен нокот - доволно долг да му се забележи на широката и плоска дланка, но и доволно краток да не му пречи во пишувањето на службените списи, и секогаш однегуван не со ножички туку со турпиичка.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)