умирачка ж.

умирачка (ж.)

И иако знаеше дека сето тоа се бесмислици и дека взаемната љубов на мајка ѝ и на татко ѝ нема никаква врска со болеста и со умирачката, сепак тие три години му беше лута.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Тоа биле поцрнети и исушени луѓе со опаки очи и без насмевка; некои од нив, со завиткани шамии и крпи околу главите и рацете како воскреснати чкулави Лазари што знаат дека само двапати се живее, се сеќавале на вчерашниот живот и на мракот во тој живот потежок и од умирачката, на тоа химерно џвало на кое ни стробјак ни џуџе не му бега, но светлоста на утрото обилно доаѓала од исток и ги бришела од очите на призраците суровите сеќавања.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Пусти Силјан тогај дури се сетил оти штрк е и може син му да го удави и умре, ако не беше му свикала мајка му на Велка да го пушти од раце, и умирачка ќе си го најдеше, чунки можеше да го врзе Велко со еден сиџим за нога и да си игра со него, како што си играат деца кога да врзуваат врапчиња и чавки.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Честите умирачки на своите рожби, мајка ми ги надополнуваше со нови раѓања.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Кога ќе ти умре најмилото, сите други умирачки ти се едноставни.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Кога големите војни и стратегиите на нивните творци не ги беа скарале судбински, не им ја наложиле братоубиствената војна, како во други делови на Балканот, не ги победиле, немаше причини и во ова време на козите да не бидат уште поблиску помеѓу себе, да се почитуваат, да си сочувствуваат заедно при умирачките, да се радуваат на новите животи, да се мешаат меѓу себе, да ги слават заедно свршувачките и сите верски празници, да веруваат сите во времето на козите, во најубавото време на земјата.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Тоа за некој кој што пред триесет години како дваесет годишно момче дошол да бара правда пред парламентот на една малечка држава со која што векови владееле олигархии од различни бои и сорти, беше бетер и од самата умиричка.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
- Ти си дете и деца не треба да зборуваат за умирачки - ми свика таа.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
„Има луѓе што умираат праведни, има луѓе што умираат грешни”, им велеше попот: ”на праведните смртта им се јавува весела, а на грешните намуртена, страшна, лоша; луѓето се страшат од неа и затоа пред умирачката си го покриваат лицето со покривка за да не ја гледаат; смртта е како некој мајстор; турли-турли алати има: тесла, пила, секира, глето, клешти, сврдел, копан, затегач, турпија, скоби и многу други алати; најпрвин ќе зафати болниот од прстите да го разглобува со сите тие чешити алати: оди од зглоб до зглоб, и откако ќе го разглоби, почнува жилите да му ги сече, и најпосле ќе почне со секира да го мава по тилот додека не му ја земе душата; кога ќе му ја земе душата - ја носи право кај бога на поклонение, а потоа, еден ангел ќе ја шета душата открај-накрај на небото и открај-накрај на земјата за да ги види сите убавини; ќе ја носи по сите места каде што шетал човекот додека бил жив и ќе му покажува ангелот сѐ што чинел: добро или лошо; на четириесеттите дни ќе го врати човекот кај гробот и ќе му ја покаже мршата негова кај што лежела внатре; по четириесеттите дни, пак ангелот душата ја носи кај бога, и тогаш господ ќе му заповеда на ангелот да ја носи душата во рајот или пеколот; ете, затоа треба на умрените до четириесетте дни да им се пее на гробот и да им се носи задушница; со тие добрини може господ да се смилостиви и да им ги прости гревовите: зашто до четириесетте дни душата не му е пресудена на човека”.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ние грчките попови меѓу вас славјанобугарите шириме божји мир и култура, а не умирачки.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Самракот однадвор е сѐ уште посветол од темницата во собата и можам да го видам нејзиното лице, прилепено на прозорското стакло, и разголениот врат, во бледиот, умирачки здив на денот.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Ако не ја разбираш религијата, таа е жива сода за народните маси. Отров и умирачка.“
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
И при умирачки во семејството не го нарушуваше толку движењето, изразот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Ми се отвори небото, развеаја маглите. И сега така ќе биде. Знае умирачката со кого работа има.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ти знаеш како ни беше исполнето времето на Балканот, со тага, со умирачки, со заминувања, со разделби, со делби.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Ох, толку нови умирачки поминаа наеднаш по улиците! Толку мајки останаа без синови!
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Пак ќе ѝ избегам. Ќе помине и ова. Нашла умирачката со кого играчки да си игра.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
- Богородице Мајчице, научи ме со која душа две умирачки да истажам?...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Може и обратно, се разбира – секоја умирачка во Венеција да се смета за нов почеток.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Најтешка беше умирачката. Мртовецот се вадеше надвор извиткан во ќебе, зашто ни сандак можеше да му се направи, ниту на гробишта да се однесе, туку само му се правеше дупка во снегот во дворот и се оставаше тука за да не се смрди в куќи и да не се плашат децата; се забодуваше крај него висок стап со крст на врвот за да му се обележи местото: да се знае каде е ставен во снегот и да се најде кога ќе запре снегот за да се однесе на гробишта и да се закопа.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Повеќе