урбанист (м.)
Што се однесува до индуктивниот поглед врз светот на разнообразните нешта, кој татко ми, како што реков, ми го всади порано и подобро од сите професори – него го користам често, некогаш и не сакајќи - на пример, кога минувам по улици и ...уште една згазена мачка од синоќа – малолетните камиказе возачи станаа сообраќаен терор – нормално кога улиците се претесни – урбанистите пред десетина години не мислеа дека градот сосе сообраќајот толку ќе нарасне – метро?, но подземјето на градот е преполно со цевки и жици...итн. или...во центарот на градот, во паркчето меѓу градските кули, додека мирно си седам на клупата, нешто остро ме пецнува по левата нога – од некој кат, од некоја од околните висококатници, некое дете пукало со воздушна пушка во мене – децата некогаш гаѓаа врапчиња, а сега луѓе – нормално, сѐ подоцна легнуваат, сѐ подолго го преспиваат денот, а кога ќе се разбудат, се нервозни и лути – а што ако наместо во нога ме погодеа во око, кој ќе ми помогнеше? – зошто ниедна влада во оваа држава не го регулира ноќе времето до кога малолетниците можат да останат во кафулиња – итн...итн...
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)