чардак (м.)
- Види... на чардакот, ова се неговите чорапи, се сеќавам, кога ме допираше..
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Веста на најстариот брат за пописот го собра сето семејство на чардакот. – Попис на козите, ја прекина мајка ми прва тишината – не ќе е на арно! – Тие сакаат да видат колку кози имаме па ножот! – рече еден од постарите браќа.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Се истрча надвор, зеде една рогузина од чардакот и едно најискинато покровче, ги внесе дома, ја посла рогузината на женскиот кат, го зеде коритцето што ги капеше нејзините деца, го кладе зглавје надолу со главата (така лежат леунките по Мариово) и истрча долни крај кај јаслите да види што направи Доста.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Во Перт има еден Преспанец кој како и сите добри домаќини си направил куќа чардаклија за од чардак севезден да ги пули ѕвездите како низ трепети му испраќаат ишарети од родниот крај што само тој ги разбира.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Татко од чардакот го гледаше својот пријател како заминува по кејот во правец кон Дрвениот мост.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Заточеникот ми објасни дека кадијата постапил и премногу дарежливо кога за мал поткуп му ја заменил казната бесење со овој милозлив прогон или сургун на подземниве чардаци.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Низ чардакот се пренесе миризбата на камилицата која растеше во Мајкината градина.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Ги собираа одделно речниците на зачестените средби на чардакот пред Татковата библиотека.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Пеколот ќе се тресе ко иструлен чардак од вашето посакувано присуство, додека рајските порти го ставија огромниот катанец за вас, нема место под тоа небо...
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Од чардако урва ена жана и нешчо ме опита на албанцки.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Ќе истече денот како Сува Река Ќе зјае ноќта на чардакот.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Куќата што ја изнајмивме беше двокрилна со долга авлија и со големи истурени чардаци, од кои убаво се гледаше Езерото и реката.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Стопаните на Имотот, возрасните, беа собрани на чардакот, гледаше на запад, во сонцето; мажите редеа некакви дрвца, различни фигури, на ишарана табла, а жените везеа на ѓерѓев, додека децата нивни растрчуваа низ дворот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Доста им осука кора, им испржи и колбаси, ги наруча сите три деца, и кога тие јадеа слатко на тарунчето на чардакот, таа ги погледна и се заврте на другата страна да не ѝ ги видат солзите што ѝ навреа на очите.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Најчесто, кога Татко ја напушташе библиотеката, таа влегуваше речиси нечујно за да го присобере правот, да ги проветри книгите со свежината што продираше од реката, преку отворените прозорци на чардакот.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Но вратата од кералот веќе беше зафатена и гореше, а започнуваше да гори и скалата кон чардакот.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Брзал кон куќа со гнил дел на чардак, тврдина на стаорци или човечко дувло од плитар што не можело да има поинакви прозорци освен од парчиња момирок врзувани со олово во несигурната рамка на квадратот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Одам по долината завлечен по облакот од дамнешниот чад над сниските покриви зад меѓите, зад грмојте, зад високите крошни на дабовите зад крушите што се сушат зад сливите што капат зад јаболката во кои пее есента та мириса сета долина на топли пазуви и тихи мусандри во оние стари градски куќи што се вишат во куќите изгубени во правта на калдрмата во куќите чии чардаци чии пармаци уште се свртени кон долинава во која бавно се враќам како во стара книга што постојано се превртува во дланките на осамата.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Често бидува Преспанецот да потпевне на чардакот некоја стара и мераклиска - не мора да е баш преспанска ама секако да е натопена со роднокрајна тага: од кога е ставена чатијата на куќата Преспанецот си ја есапи песната за барјак развеан на чардакот а самиот во себе си вели дека е барјактар не да речеш за фалби или за нешто друго, ами отшто секој барјак си има и свој барјактар.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
И машко и женско, и мало и големо, и христијанско и турско, христијаните крстејќи се и во истото време изговарајќи Господ да го дочува во живот Лазора, а Турците, на чело со Тахир бег Јаузоски, кој и заборави да го прошетува Мурата, Ај анасана, ај џган, уште од раното се купчат на портите, на срецело пред дуќаните Акиноски и на чешмата, на бунарите, во дворот и на чардакот Акиноски и само за тоа зборуваат: минатата сабота токму во време пладнина, нивните мажи, главите на сојовите, се нашле таму во Прилеп, на Али Чаир, за со свои очи да се уверат во силата Лазорова, и за потоа со свои очи да го видат нештото кое тука, на лице место и пред сета насобрана народија, ќе му го прекинеш животот на човекот, а кое не го стори тоа, не го однесе на оној свет, само затоа што е Лазор голем и силен како никој друг на земјава, па ножот и куршумите, кога влегле во месото негово удриле на коските и тука се запреле.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)