чаршаф м.

чаршаф (м.)

На асталот во трпезаријата секогаш имаше беспрекорно чист бел чаршав и салветки кои беа ставени во специјални држачи направени од сребро и коишто имаа форма на мали обрачи.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Жената ми ја грее бањата, ми постила бели чаршафи и, едно за едно, ми кажува, се лесни: ние сме кавкаски Грци, вели, ама 38 година нѐ иселија ваму.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Си го пособирам чаршафот под гушата и ми иде да му речам да не ме сече кај што сѐ уште сум здрава.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тој паднал настрана и почнал да крвави на чаршафите додека девојката го плескала по лицето за да се разбуди.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Глетката на отворениот театар не го уништи филмот за нереалноста што се обви околу него како чаршаф од ацетат.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Јас веќе го местам чаршавот на масата и сите влечат од кујната храна и пијалаци.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
потем се наслутува сѐ почесто во глувиот ноќен јасник како слана (во споредба со неа, снегот е мек и топол, Господине) во забраната да се верува во чувствувањето срам да се признае мечтаењето по неа и скришното вљубување во зазорот и распрашувањето за смислата на животот (најдолгите чудења се загушени од банални спреги) во сѐ поприсните признаци од сонот - таму кајшто живееме однапред, повторно и можеби безгранично, таму кајшто времето не се мери со просторни величини и кајшто, конечно, не се дели иако, да признаеме навиката да живееме раздвоено нѐ збунува сега едно-по-друго се подготвуваме да заспиеме да ја избереме спалната, креветот да постелеме нови чаршафи само за една, за наша употреба купуваме ноќници за истата прилика се тревожиме од наглите отворања на вратата низ којашто проблеснува вселената сѐ до неиздржливата глад по Неа.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Лежев завиткан во чаршафот кој веќе мирисаше на пот и ја зголемував треската со нервозата што ја имав заради тоа што таа треска ми се јавува еве токму сега на почетокот од големата и благородна работа поврзана со бунарот.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Го завиткале во чаршаф со спуштени раце на стомакот и го однеле со комбе во Одделението за судска медицина.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Беше и преморен, но знаеше дека сега не смее да стои, не смее да се одмора, па тргна по патчето што новиот снег веднаш го постилаше со бел лизгав чаршаф, им ја отвори вратата на овците и ги пушти да пијат вода.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На умрениот му требало бел чаршаф за да не го гори сонцето, чаршаф веднаш се донесува.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Луѓето со лопатите нафрлија каллива земја врз чаршафот.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Беше покриен со чаршаф до гркланот. Ноздрете му беа свртени кон таванот како двоцевка.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Се разбудив со долгата ти коса замотана околу вратот а сѐ уште мирисаше на босилек и на тебе мирисаше, залепена кожа врз мојата под чаршавите од кожурот на утрото-во собата со црвени барокни завеси;
„Омајнина“ од Афродита Николова (2010)
Ги оставаше пораките под платнениот чаршаф.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Леси се случува како и сите видливи појави: арапскиот ресторан на четвртиот кат во испразнетата зграда, голтките топол пијалак од шарената шолја извалканиот кафеански чаршаф, онаа жена во кафеаво палто и со долг бел шал врз него, која го припила до себе своето дете сред уличниот метеж, тркалезната купола на амамот, запрено во мигот пред тресок.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Откако на тревата послаа и едно старо чаршафче, се зафатија со работа.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Во собата имаше еден кревет, уредно наместен со превиткан чаршаф и ќебе, што Александар го потсети на планинското детско летувалиште во кое родителите редовно го испраќаа за време на летниот распуст.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Беше прекриена со лесен чаршаф преку кој се оцртуваа облините на нејзиното тело, низ едвај забележливи поместувања, со благи бранови според ритамот на дишењето.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Ѓорѓија стравуваше од последново и јадеше со голема внимателност, пребледувајќи ако му паднеше малку путер на љубениот чаршаф.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Повеќе