черга (ж.)

1. Еден Циган без цигулка Еден Циган без Циганка Еден Циган без дружина донеса денеска Замижано над постела тој стегаше раце суви борејќи се со некого заздиван Па наеднаш грабна дизгин невидлив и атот игрив го потера сиот в пот и распеан Но в час коњот се исплаши и се сопна Тој извика на уста со топла пена румена Не го крена коњот сакан Не намести нови жици Под чергата в пламен сета замолча Еден Циган без дружина еден Циган без Циганка еден Циган без цигулка однесоа денеска.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Пред креветот на душемето черга и друга попреку што води кон мијалката.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Божем можело таквата тежина да се поднесе само со стегнување на усните, или пак да се совлада на тој начин што ќе се однесат на реката еден рид черги, па сиот бес ќе се истури преку пиралката.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Поседнале со темни мисли под јакуцките на гуњите да сраснуваат до суровост со изѕемнатата земја, колку-толку заштитени од студот со веленца и кожи или черги, и пак чекале без сигурни предвидувања како ќе се заврши сето тоа.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Оттаму гушнати итавме да се отвориме еден во друг како што се отвора секој сон и како што сите ткајачки ги раздиплуваат своите черги врз кои потскокнуваат големите надежи сеедно што не се гледа баш јасно кој го крка месото, а кој ги глода коските.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Тој ги одвитка чергите и однатре се истурија бомби и фишеци за пушки.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Окната на прозорците беа чисти, со перденца, од вратата до огништето беше послана черга, врз ковчегот под прозорецот до огништето весело шарена памучна покривка.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
На плеќите носеше големо бале черги. Чергите ги носеше од перење.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Требаше да се смете внатре во колибата, да се средат расфрланите работи, да се донесе вода, да се измијат паниците, лажиците, требаше да се истресат и чергите, кои дедо му од есента сигурно не ги имаше изнесено надвор.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Потоа брзо се облече, се присили да изгризе едно јаболко, зашто знаеше дека треба да јаде, па се вовлече под чергите.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Жената му се заблагодари и одвај, носејќи ги чергите, го мина мостот на реката Вардар...
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Откога виде дека нема никој, се искачи горе по скалите и ги спушти чергите на подот.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Ја отфрлив чергата од партали и ги спуштив нозете на земјата.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
На левиот ѕид прозорец, под него миндер покриен со черга.
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Тие нешто бладаат, ќе ја клоцнат чергата со нозете, ќе го соберат ложникот, ќе офнат и како ќе офнат тие, така и јас офнувам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Да бидеме номади со пустински шатори и цигански черги, со насмевка на усните, сјај во очите и милост во срцата.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Не дека беше имун за елегантност и дека не сакаше да менува повеќе одела, туку просто речено: не можеше да ги пушта нозете повеќе од што му беше чергата.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
И на шопинг-центар, а не кој ќе стигне да ја спростри својата ѓупска черга.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Го наследија близнаците Крловац од некој свој роднина добротвор и наследија една колиба со многу ненужни предмети: дрвена вила, дрвена лажица, дрвен чанак, дрвен триножец, земјана стомна, земјено грне, стар календар со избледена слика на некаква кралица и сѐ така нешто бесцелно и без функција во еден живот на кој му припаѓаа - колекција на разнобојни срчи од прозорците на некоја градска црква, урната во војната, китка суви непознати треви, куп черги, војнички шлем, карбитена ламба.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Пред прикаската, вмугри, го довлекле гладен и исцрпен и, сожалувајќи го стар и нагрнат со безбојна черга, му дале да јаде и му дале ракија.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе