јамка ж.

јамка (ж.)

Гладот и безработицата насекаде ја стегаа својата јамка.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Се искачува на мала плоштатка, толку мала колку да има место за него и за оној што ќе му ја стави јамката.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ако јас морав цел живот да ја чувствувам твојата јамка, не мора и таа.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Ако јамката ја стесниме уште малку, ќе дојдеме до композицијата Раце што се цртаат, во која едната рака ја црта другата, и притоа двете формираат двостепена Чудна Јамка.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Животот на земјата е понижување, душите бараат слобода во сините височини на ѕвездите; ќе појдат по неа, ќе ги проколнуваат и ќе ги плукаат туѓинците а тие ќе ги сечат со јатагани и ќе ги ослободуваат од печал и патила; сите што ќе останат ќе се растураат по селата и ќе собираат нови литии за предизвикување на смртта - оние што не ќе изгинат од оган и од железо, ќе се фрлаат во длабоки речни вирови, ќе се запалуваат по плевни, ќе се бесат во гроздови на свои јамки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
„Не давај ме, внуку, на никаквециве, ќе ме обесат“ - ревеше Јаков Иконописец, го слушав со затворени очи и знаев дека ќе се случи она што часкум го сонив, Калпак и неговиот булук ќе се стрчнат, се стрчнуваа веќе и го носеа на раце или го влечеа со пцости кон габер или кон врба до раб на оризишта фатени од огради на ископана земја, еден врзуваше јазол за јамка на јаже, друг на побелениот Проказник со секира му стоеше на пат не пуштајќи го да го брани малоумниот злодеј од кого очекуваа да се почувствува возвишен пред умирање и да признае дека палел, дека убил вол со тризабец, дека светците од неговите икони ќе му ги простат гревовите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Јас ви го донесов под таа јамка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кога му се доближи, тој забележа дека десната рака ѝ е во јамка закачена околу вратот, што не се забележуваше од далеку затоа што беше во иста боја како и нејзината униформа.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Мракот исплете околу неговата неизвесност темна јамка.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Додека над градот се затегнуваа невидливите јамки, јас лежев склопчена на каучот, совладувајќи ја индијската мимика, учејќи го регистарот на индиските чувства како по некој учебник...
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Со кредитни јамки во неколку банки македонски маки, живот африкански од денес за утре, од утре до вечност косата белее од премногу чесност Платата доцни, денови грозни да наполниш туѓи паркови возни за дворови нечии да оставиш коски за газдите сурови, безмилосни, прости Жената бесна, нема за фризер притисок качен, желудник гризе живот на рати во џебот суша сметки за струја тежат на душа
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Можеби говорот на престарениот Симон Наконтик траел подолго отколку што Јаков Иконописец петпати ќе можел да се смири на јамката, и на слушателот му здодеало да завлегува во тајната на семоќната судбина па се свртел решен да го чисти патот од камења или, можеби, се разжалил над самиот себе и се расплакал или кажал и самиот нешто големо, умно, нешто што никогаш не било запишано во црковните книги.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Покорно, дури со молба (во очите трепери солза) стапнува на столче, ниско само три педи, колку да се затегне јамката и колку да допрат одвај врвовите на прстите до подиумот...
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Знаеш - тој. Самиот призна. И да сакаше, не ќе го спасеше од јамка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
На појасот таа имаше пафта, на која од задната страна ѝ се гледаа три плоснати јамки, со кои пафтата се зацврстуваше за коланот: коланот пак беше составен од кружни и четврстести парчиња исшарани со цветови и лисја.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
- Каде си? Окапав чекајќи те! Моиве дома сигурно веќе ми ја подготвуваат јамката.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Знаци дека тоа ќе го стори, се виделе кога Андро од некое време зафатил да прави јамки од секакви нешта што ќе му паднеле в рака: од јаже, од жица, од повит, од синџир.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Се знае. За вршење треба ортоми, врзми, јамки за коњите, а што е најглавно, покрај солта треба лук, цирони, киселина, некоја лажица, паница, опинци и други работи.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Со левата рака, на десната негде и некогаш некој му ги исекол трите прсти, со палецот и показалецот можел само да наденува конец на игла, да крпи јамки на парталосаните беневреци или нешто слично, да ја треби од гниди ленената кошула или да ги суче прудолу ретките мустаќи.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Да си го устроите духот со суштината и елементите на пропаста е уште една залудност, во која неизоставно се губи етичката дистанца и си ја прикачувате јамката на деструктивноста.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Повеќе