Му рече ли лош збор - полош ќе ти врати; црната: ниту сака да те сретне, ниту сака да разговара со тебе; пред очите му е темно; сѐ на светот му е виновно; мудри се, знаат многу, со очи, со поглед можат да дознаат сѐ: кој си, што си, колку тежиш и што сакаш да речеш; во разговор со нив секогаш чувствуваш: меѓу тебе и нив голема далечина; не се напрегаат сѐ да чујат и разберат; на проклетството и на болот му робуваат; лилавата (јоргованлијата); постојано си потпевнуваат во себе или гласно: и во одење, и во работа и во кревет; во устата, на ушето или во малото џепче од палтото носат цветче - за салтанет; на секоја веселба први запoчнуваат да пеат; што било вчера, што било денеска, што ќе биде утре - не ги интересира; кога смируваат скарани, не сакаат многу муабети; на скараните ќе им речат: ајде чукнете се со чашките, оти главата ќе ви ја чукнеме; те фалат, те гушкаат, но сето тоа го прават без мерка; последни од кафеаната се прибираат дома; сивата: многу пребираат, џимрии во јадење, во купување, во облекување; надвор ако врне - продолжуваат по цел ден да спијат; од добиток не држат ништо, или сосем малку; за сѐ, па дури и нешто на милост да речат - колнат; клетвите им се помошни зборови со кои полесно се изразуваат; повеќето се тенкоусти, палени на збор, на јазик; кога е студено - мајката на господа му ја караат, кога е жешко - исто така; на гости, по свадби, од иста чаша или сафа не пијат; дома на прагот од куќата те пречекуваат држејќи ја вратата недоотворена; очите секогаш им се готови да те погледат напоречки, да те мунѕосаат; портокаловата: лични луѓе, секој сака од нивната куќа невеста да земе; кога врват девојките и невестите низ селото - како сонце да врви, сè пука на нив од здравотија, од личнотија; коњ аздисан скротуваат, пукнуваат; таа убавина, таа здрава јатка во нив ги држи до триесеттата година; по неа - одеднаш како зрел плод се што не може многу да држи, свенува, се олошува, се распаѓа; од никого лош збор не се слуша; благи и кротки и во очите и во лицето и во зборот; старичките чисто-пречисто се носат, мирисаат на мискинсапун, на калофер, но не доживуваат длабока старост; прават куќи понастрана од другите, истакнати, видливи; добиците им врват низ посебен влез за во кералот, не низ дворот да им го балегат и гнасат; кога крштеваат дете, врват низ селото како кралска процесија, како крал да се крунисува; ако седиш со нив, имаат моќ да те маѓепсаат, да те стават под влијание, да те владеат.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
А ни вистински свештеник немаат жителите на Потковицата; грчки не сакаат, свој немаат, па таа работа, откако го врати бог во Потковицата, ја врши тој, Максим Акиноски - мртвите ги опејува на отворено, на Рамник на Горник на обележаното место за ѕидање црква, на отворено, во дворовите зад авлиите; ги венчава младите, а по куќите, во гостинските одаи, крштева деца.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Некои се побуниле: кој ќе ни ги крштева децата, кој ќе нѐ закопува, рекле, ама мнозинството решило: да се избрка.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)