Ги фрли војничките алишта и започна повторно да трча и да опкршува околу езерото и селото, да го исполнува просторот со својот вик, да допира и да милува секое дрвце, секој камен; со денови опкршуваше низ сиот овој простор, низ сиве овие места на кои не можеше да им се изнарадува, да се опсити; пак заличи на дете што започнало првите чекори да ги прави на кое сиот свет му е мал; го вдишуваше мирисот на дрвјата, го гледаше синото небо кренато високо и исчистено од сите барути и пукоти; го гледаше езерото што како зоврено млеко се креваше и разлеваше пена на брегот; го слушаше црцорењето на птиците што ја населуваа шумата, трчаше по пеперутките, легнуваше во тревјето и пак стануваше, настојувајќи што побргу да го заборави она што му мина преку главата.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)