Ова ми е сега како едно наказание дека сум немал младост.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
А за многу од овие жени, колку што знам јас, немало младост.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
24
Маглата се поткрева над котлините
визијата станува стварност
стравот се обвистинува:
се наѕира клисура, амбис сур
живописна урна
серт рис се задава од сртовите
како сираче, но отмен
и дрско убав, би рекла
смртно личен
само ревот негов ни бие
право в лице
насекаде околу-наоколу
мене и тебе, синко мој
бие бијно, очебијно
а сепак кревко
небаре може да се сотре
да се изгуби место нас
со еден замав на главата
со едно затнување на устата
со еден потег на четката
со мал премаз боја
со нов слој малтер
со обично будење од длабок сон
ама будење нема,
веќе нема назад и тебе те нема
Младост моја
само необичен сон, збор и допир
само задоцнета потрага по изгубеното
може да те оживее како свет -
но литературен
како сенка на сенката
„што било, пак ќе биде“
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Зголеми го растојанието, пламни
од долгото гледање во истиот свет, овој свет
од беглиот допир со стварноста
- од нејзината развратност, од нејзината понорност
од таа скривница во сударот со измисленото
од таа родна куќа, тој нерешлив спор
меѓу сонот и јавето –
побегни толку далеку што да истинеш од желба
да се вратиш, оддалечи се толку многу
што да немаш кога, што да немаш младост
да се вратиш.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)