И што сетне? Ни сам не си свесен
за сопствените дарби
а всушност, глас се разнел насекаде
- низ Фокида, Беотија, Тесалија, Македонија -
дека си видовит и допирот дека ти е лечебен
а речта - провидение!
………………………….
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
И низ песни прескокнуваа цели епохи Од Самол па до наши дни Што има Македонците да се плеткаат Во подемот и пропаѓањата на сите империи Одвреме навреме во песната на Македонците Ќе им влеташе по некое клето Турче И тогаш ќе се сепнеа и ќе си речеа колку ќе се изрезилеја Ако го скокнеа времето на Отоманската империја Баш во тоа време се збрани сите македонски страдања Сите порази и загушени востанија Баш во тоа време на Македонците им се нанесоа најголемите неправдини И некако природно се прими што Отоманското царство Го урниса човек роден и учен во Македонија Природно беше што во тоа време Некои Македонци влегоа во Стамбол на бели коњи Иако беше сосема неприродно и уште понеправедно Што по по урнисувањето на Царската порта Македонија ја распарчија балканските орли И оттогаш наваму така распарчена се тетерави И во соништата за сите царштини Ја римски ја византиски ја турски биле Тадури и австро-унгарски И на Австро-унгарците Македонците им најдоа маана Да стасаше нивната царштина до Македонија И тука одамна ќе имаше филхармонии и универзитети А не само амами тек и чифте амами и секакви анови Одвреме навреме Македонците ќе запееја Под московски вечери Рабјинушка Калинка и такви песни Знаеја многу такви песни како да не знаеја И од порано беа начуле по некоја Ама особено научија да пеат по руски Откако се најдоа во црвеното царство Неоти знаеја како се најдоа во црвеното царство А отпосле дознаа дека баш во времето На црвениот император Јосиф Висарионович Сталин Се стави печат на старите делби на Македонија За сега Македонците севезден да се прашуваат Има ли во историјата печати што бледнеат Има ли печати на кои им истекува рокот на траење Ако има такви печати тогаш сетики ќе дојде денот Кога на најубавиот и најбелиот потомок на Букефал Македонците ќе ја качат најубавата им мома Угул гола ќе ја седнат врз знамето со шеснаесеткракото сонце Префрлено наместо седло преку грбот На најубавиот и најбелиот потомок на Букефал Во наизменичен патриотски кас и галоп Да го обиколи сиот свет И да ја разнесе насекаде славата и гордоста на Македонците Секако ќе има и такви кои ќе се противат на ова И ќе велат дека тоа ја навредува честа на Македонците И особено честа на Македонките А Македонките се рамноправни со Македонците Ако не од времето на Роза Луксембург Тогаш барем од времето на Валентина Терешкова Македонките уште пред да се родат знаат дека се рамноправни Македонците нека си мислат дека се порамноправни Впрочем какви и да се Македонците никогаш не се сложиле за ништо Па нема да се сложат ни за голата мома гордо јавната На најубавиот и најбелиот потомок на Букефал Оти сите Македонци знаат дека жена гола ако видат Голема кавга ќе се роди во тие што ќе ја видат и сонуваат А во кавгаџиско настроение се заборават без исклучок Сите соништа од циклусот за пропаднатите империи.
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)
За неколку секунди ветрот ќе го разнесе насекаде: неговата трага ќе исчезне.
„Мудрецот“
од Радојка Трајанова
(2008)