А кога во време мала пладнина оттаму, од гората, се разнесе лелекањето на старецот (лелекаше и молеше тој за христијаните паднати во бојот со Турците на Марица и за сите христијани паднати во боевите со нив, лелекаше и ги колнеше Јована Кантакузен и Григорие Паламас, кои, за да се одржат на престолот на веќе разнебитеното византиско царство, се сојузи со нив, со поганците, а тие, пеколниците, кога се нашле едноаш на небранет пат, пред ништо и пред никого немало да запрат додека сѐ не изгореле и не испоганиле) сите го ожалија; си рекоа старецот, оставен сам таму во орманот, се поштукнал од умот и сега гласно си го кажува тоа што не смееше ни да го шепоти додека си беше прикрепен на умот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)