кој (зам.) - куќа (имн.)

Полна е со тесни улички и сокаци во кои куќите речиси се допираат а од прозорците луѓето можат да си подадат раце за поздрав.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
- Добро ќе дојдам! А каде во која куќа? - праша Невена.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Во електричната инсталација знам еден таков дефект што вечер кога ќе се шкрапне било кој прекинувач, кога некој каде и да е ќе ја вклучи струјата, ќе се предизвика таков куршлус од кој куќата цела ќе пламне како кога се пали автомобил и никој жив нема да остане.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Шета со погледот низ селото и гледа: си останало исто, си го задржало истиот изглед; има по некоја куќа нова или обновена, но не се раширило, си ја задржало онаа своја збиеност: од која куќа да викнеш, на другата ќе се чуе.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
„Нека го доноси овој пат, Боже, нека го доноси, доста беа веќе искушенија, оди кај друга некоја, доста веќе, таа заслужи да стане мајка“, се молеше и му заповедуваше на тој што прави распоред во која куќа ќе се пружаат пелени. . . .
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Озгора од куќата своја, го гледаше сето село како на дланка, гледаше сѐ што се случува во него: во која куќа наутро најрано станале, во кој двор се трча да се фати кокошка за колење, кои жени, уште недорасонети се караат преку плотовите; кои луѓе не си ги користат домашните алиња, туку клечат зад копите и гаждарињата во дворот и бавчите; кој уште пред да зазори, како гробник, како волк, бега од некоја куќа и се провира низ плотовите за да не го видат кај која ороспија преспал ноќеска; на кои чардаци што се суши; која се потпалила, која се препокрива, која се довршува, кој последен излегува од кафеаната и го бара патот за дома, кој влегува и излегува од селото: за добро, за лошо.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Болеста го натера ветеринарот Скрез (ајвандокторот, како што го викаа луѓето) почесто да доаѓа во селото; не можеше од работа да престаса да крене глава: не знаеше во која куќа побргу да појде, на кој добиток побргу да му даде помош.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Живееја во една од оние улички во кои куќите се толку збутани една во друга, што комшивките знаат што манџа во чија куќа се крчка, кога се подготвува пастел, кога, бурмуелос или алхарос7.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Го знам нивното маало, зашто навратував кај мајка му и носев алишта за теснења, поправки и поткусувања и како што ќе влезев во маалото ќе ме пречекаа исти гласови на две жени што везден се довикуваа: - Сара! - ќе викнеше едната - Што е Бела? - ќе прашаше другата.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Уште облакот прав не беше слегнат, а селаните, и машко и женско, и старо и младо, се насобраа како на мечка, не стасувајќи да видат ни кој излезе од него ни во која куќа се скри.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Е, после чув и од која куќа бил и што имаат. А повеќе чув што немаат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И си почнувам: - За која куќа се спремаш, Капинке, капко моја попарена.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)